• недела, 22 декември 2024

Меѓународната агенција за енергија значително ја намали прогнозата за побарувачката на нафта

Меѓународната агенција за енергија значително ја намали прогнозата за побарувачката на нафта

Лондон, 12 септември 2024 (МИА) - Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) денеска значително ја намали прогнозата за растот на побарувачката на нафта оваа година, истакнувајќи го забавувањето на потрошувачката во Кина, што не е во чекор со Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК).

ИЕА сега очекува побарувачката да се зголеми за 900 илјади барели дневно оваа година, намалувајќи ја претходната проценка за 70 илјади барели дневно, се вели во месечниот извештај за нафтениот пазар.

Како главна причина за намалената проценка, советодавната агенција на групата водечки потрошувачи собрани во Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) го наведе намалувањето на побарувачката од Кина.

ИЕА сега проценува дека кинеската побарувачка ќе се зголеми за само 180 илјади барели дневно оваа година бидејќи поширокото макроекономско забавување се совпаѓа со зголемената употреба на електрични возила. Скокот на продажбата на електрични возила ја намалува побарувачката за моторни горива, додека развојот на железничката мрежа истовремено го забавува растот на домашните воздушни патувања.

-Бидејќи се чини дека побарувачката за нафта во Кина се намалува, а повеќето други земји само растат или скромно се намалуваат, сегашните трендови ги поддржуваат нашите очекувања дека глобалната побарувачка ќе достигне врв до крајот на деценијата, соопшти ИЕА.

Тие очекуваат „пригушен“ раст на побарувачката и во 2025 година, за околу 950 илјади барели дневно, што ја потврдува сегашната проценка.

И ОПЕК оваа недела ја намали проценката за растот на побарувачката оваа година, од 2,11 милиони на околу два милиони барели дневно, наведувајќи ги проблемите во градежниот сектор и зголемената продажба на камиони со ТНГ и електрични автомобили, што може да ја намали побарувачката за бензин и дизел. Според нивните проценки, економијата солидно расте, вклучувајќи ја и активноста во Кина.

Тие, исто така, ја намалија проценката за растот на побарувачката во 2025 година од 1,78 милиони на 1,74 милиони барели дневно. мс/

фото: ЕПА

 

Остани поврзан