• понеделник, 18 ноември 2024

Меѓународен ден на Брајово писмо и образование на лицата со оштетен вид

Меѓународен ден на Брајово писмо и образование на лицата со оштетен вид
Скопје, 4 јануари 2022 (МИА) -  По повод Меѓународниот ден на Брајово писмо и образование на лицата со оштетен вид, Коалицијата „Менуваме“ соопшти дека илјадници лица во земјава не го знаат Брајовото писмо и дека тоа е, како што велат, невидливо во институциите на државата, како и во образовниот систем, освен во училиштето за слепи „Димитар Влахов“ во Скопје.
-Никаде во институциите во државата не е видливо Брајовото  писмо, што е надвор од Конвенцијата за првата на лицата со хендикеп и Уставот на Македонија. Коалицијата „Менуваме“ веќе изнајде начин како ова право на лицата со попречен вид да им стане достапно согласно Агенда 2030. „Не оставај никој зад себе  - види ме“ е еден од водечките принципи на Агендата 2030 и на целите за одржлив развој. Во нашиот нов регионален проект ќе работиме на поттикнување на регионалното учење и размена на искуствата од достигнувањата од Агендата, соопшти коалицијата „Менуваме“.
Принципот „Не оставај никој зад себе - види ме“, посочува коалицијата, ќе им помага на надлежните во земјава и во регионот  во дизајнирање и водење социјален дијалог за целите за одржлив развој.
- Иницијативата вклучува стратегија и методологија за задоволување на основните потреби за лицата со попречен вид и обезбедување услови за нивно активно вклучување во сите сфери на општеството, на локално и на национално ниво, се наведува во соопштението на „Менуваме“.
Меѓународниот ден на образование на слепите се одбележува на 4 јануари кога е роден францускиот учител Луј Брај, пронаоѓачот на азбуката за слепи, наречена Брајов систем. И самиот слеп, го измислил системот на испакнати точки, чии комбинации им овозможуваат на слепите да  читаат.
Образованието на слепите и лицата со оштетен вид почнало да се развива кон крајот на 18 и во почетокот на 19 век, а било комплетирано со пронајдокот на Луј Брај. Тој во 1825 година ја измислил релјефната шестоточка, која била основа за креација на релјефното писмо на слепите. Оттогаш низ светот се отвораат голем број  училишта за слепи лица. хс/ац/

Остани поврзан