• петок, 13 февруари 2026

Мерц: Светскиот поредок каков што го знаеме повеќе не постои

Мерц: Светскиот поредок каков што го знаеме повеќе не постои

Минхен, 13 февруари 2026 (МИА) - Канцеларот на Германија, Фридрих Мерц, на отворањето на Минхенската безбедносна конференција истакна дека во моментот се урива светскиот поредок заснован на правила.

- Заедно влеговме во ера која повторно е многу отворено обележана од моќта и политиката на големите сили. Пред сè, го гледаме насилниот ревизионизам на Русија, нејзината брутална војна против Украина, против нашиот политички поредок со секојдневни сурови воени злосторства. Значи, ова е само најпроникливиот израз што го гледаме секој ден. Гледаме и други настани во светот, кои се разликуваат од она што често го дискутиравме во оваа просторија - наведе Мерц.

Тој посочи дека Кина сака да биде лидер во обликувањето на светот и оти за тоа се подготвувала со години. Според Мерц, во блиска иднина Пекинг би можел да биде на рамноправна основа со САД во воена смисла.

- Кина систематски ги користи туѓите зависности и го редефинира меѓународниот поредок во своја корист. Ако по падот на Берлинскиот ѕид постоел униполарен момент, тој одамна е поминат. Правото на САД на лидерство е оспорено и веројатно изгубено. Враќањето на политиката на моќ, сепак не е само вкоренето во соперништвото меѓу големите сили, туку е и одраз на немирни, вознемирени општества во време на револуционерни промени. Тоа е израз на желбата, исто така и во многу демократски држави, за силно лидерство во глобализираниот свет во кој особено демократските држави се приближуваат до границите на нивната способност за дејствување - посочи Мерц.

А премиерот на Баварија и лидер на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), Маркус Зедер, на Минхенската безбедносна конференција наведе дека светот без трансатлантски врски е незамислив.

Претседавачот со Конференцијата, Волфганг Ишингер, наведе дека на трансатлантското партнерство му е потребна силна Европа, а тоа ќе се постигне ако се обединат европските нации повеќе отколку во минатото.

Според него, Минхенската безбедносна конференција никогаш порано не се соочила со толку истовремени фундаментални предизвици и крвави војни во Европа и во целиот свет.  ми/

фото: ДПА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан