• недела, 22 декември 2024

Мерцедес-Бенц му подари на папата нов електричен „папамобил“

Мерцедес-Бенц му подари на папата нов електричен „папамобил“

Ватикан, 5 декември 2024 (МИА) – Извршниот директор на германската компанија Мерцедес-Бенц, Ола Келенијус, на папата Франциск му подари нов „папамобил“, електрично кабриолет возило од Г-класа.

За време на следната аудиенција на плоштадот Свети Петар, Папата ќе ги пречека верниците во овој папамобил, специјално дизајниран за него.

На барање на папата Франциск, на примопредавањето присуствуваше целиот тим кој работеше на возилото, пренесува Ватикан Њуз.

Мерцедес веќе 100 години соработува со Ватикан за испорака на таканаречениот „папамобил“, а првото возило му било доставено на папата Пие XI во 1930 година.

Папата Франциск во моментов користи Мерцедес Г-класа на бензин.

Тим експерти од Мерцедес работеше речиси една година со претставници на Ватикан за да создадат автомобил прилагоден на потребите на папата.

Еден од главните приоритети беше нулта емисија на штетни гасови, бидејќи Ватикан планира да ги замени сите свои возила во возила со нулта емисија до 2030 година, според ватиканската агенција.

- Се движиме кон нулта емисија на гасови и лансираме многу електрични производи. Оваа година ја лансиравме електричната Г-класа, изјави извршниот директор на германскиот производител на автомобили.

Возилото има ротирачко седиште и рачно изработен внатрешен мебел.

Покрај тоа, има погон на сите тркала, дизајниран специјално за малата брзина со која папамобилот се движи низ плоштадот Свети Петар за време на јавни аудиенции.

Новиот и подобрен автомобил на папата е опремен и со покрив кој се повлекува за да го заштити од временски непогоди.

Задната десна странична врата е направена на ротирачки шарки, додека левата е целосно заварена.

Слично како и неговите претходници, автомобилот е во бела боја и има регистарска табличка „SCV 1“ (држава Ватикан). јт/

Фото: Ватикан Њуз

Остани поврзан