• недела, 22 декември 2024

Меморандум за соработка меѓу националните библиотеки на Северна Македонија и Австрија

Меморандум за соработка меѓу националните библиотеки на Северна Македонија и Австрија
Скопје, 31 март 2022 (МИА) – Националната и универзитетска библиотека (НУБ) „Св. Климент Охридски“ и Националната библиотека на Австрија денеска во Скопје потпишаа Меморандум за соработка во рамки на манифестацијата „Денови на австриската книжевност во Северна Македонија“, организирана од Асоцијацијата за регионален развој Балкански економски форум од Скопје и НУБ. Во холот на НУБ беше отворена и изложба на книги од австриски автори од книжниот фонд на Библиотеката, наслови од писатели од Австрија кои добиле значајни литературни награди, а беа промовирани и книги од австриски автори кои Националната библиотека на Австрија ѝ  ги донираше на НУБ. Директорката на НУБ „Св. Климент Охридски“ Јелисавета  Костадинова истакна дека потпишаниот меморандум ќе биде придобивка за библиотечни, но и културно-образовни можности за соработка меѓу двете институции кои, како што рече, се столбови на културата на двете држави. Нивното поврзување, нагласи таа, значајно ќе придонесе за подинамична комуникација на македонските и австриските културни вредности. -Иако меморандумот претпоставува поинтензивна комуникација  помеѓу двете библиотеки во иднина, и досега во меморијата на двете институции се забележува дека постоела редовна комуникација посебно во меѓународна размена на публикации. Овој вид соработка има посебна важност за двете библиотеки, но и за двете држави и двете култури. Евиденцијата за соработката помеѓу македонската и австриската национална библиотека бележи размена на белетристика, научни публикации, монографии за културното наследство на двете држави, значајни книжевни дела од двете културни средини кои ги збогатуваат библиотечните фондови. Тука се и преводите на книги на македонски автори на германски јазик, како и  преводите на австриски автори на македонски јазик кои библиотеките ги разменуваат повеќе од две децении, рече Костадинова. Директорката на Националната библиотека на Австрија Јохана Рахингер истакна дека застапеноста на значајните дела од современата австриска литература во НУБ е прекрасен начин на приближување со помош на литературата и дека писателите и библиотеките се важни точки на поврзување на меѓукултурниот дијалог и размена. -Во Австриската национална библиотека собираме книжевно наследство на австриски автори во текот на нивниот живот и постхумно. Ги чуваме и ги ставаме на располагање на широката јавност. Во 2015 година, нашата библиотека основаше свој културен центар на австриската литература во форма на наш Литературен музеј каде што редовно презентираме не само изложби за современата австриска литература, туку тоа е место и на разновидна програма и настани. Тоа значително придонесува за препознатливост во јавноста и вреднување на литературата, што важи и за оваа изложба отворена денеска во Скопје, рече Рахингер. Настанот го поздрави амбасадорот на Австрија во земјава Георг Вуцас кој истакна дека манифестацијата „Денови на австриска книжевност во Северна Македонија“ е резултат на  успешна соработка меѓу Асоцијацијата за регионален развој Балкански економски форум од Скопје и националните библиотеки на Северна Македонија и Австрија. -Овој настан е финансиран поддржан од Фондацијата на Шпаркасе банка од мојот  град Грац и сум благодарен за оваа соработка. Австриската амбасада ги поддржува целите на овој проект за промоција на австриска литература и нејзино приближување до јавноста во Северна Македонија, рече Вуцас и честитајќи им го на двете библиотеки потпишаниот меморандум додаде дека отворената изложба на книги од австриски автори е прв видлив настан од таа соработка. Истакна и дека блиската соработка воспоставена денеска ќе биде поттик за постигнување повисоко ниво на соработка меѓу институции од областа на културата и уметноста од Австрија и Северна Македонија и дека Австриската амбасада секогаш е подготвена да охрабри и поддржи ваков вид соработка на институции од двете земји. На отворањето на манифестацијата се обратија и Нина Мојсова-Ќосева од Балканскиот економски форум и заменик-министерот за култура Даим Лучи. хс/са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан