• понеделник, 23 декември 2024

Медицинска опрема вредна над 61 илјада евра донација од Турција за тетовската клиничка болница

Медицинска опрема вредна над 61 илјада евра донација од Турција за тетовската клиничка болница
Тетово, 9 ноември 2022 (МИА) - Клиничката болница во Тетово доби донација медицинска опрема во вредност од три милиони и 700 илјади денари од Турската агенција за соработка и координација (ТИКА). Програмскиот координатор на ТИКА Халим Омер Согут денеска опремата ја предаде на раководството на болницата. -ТИКА има спроведено околу 30 проекти во здравствениот сектор во различни градови од Северна Македонија. Со обезбедената медицинска опрема зголемен е капацитетот на Одделот за торакална хирургија која обезбедува услуги за Тетово и околните области. Се надеваме дека нашиот проект ќе придонесе за подобрување на здравствената инфраструктура на Северна Македонија, изјави Халим Омер Согут. Одделот за торакална хирургија доби опрема која се состои од инфузиона пумпа, флексибилен бронхоскоп, подвижен апарат за ЕХО, инфузомат, перфузор, аспиратор за операциона сала, три мали аспиратори, два апарати за торакална дренажа. - Во вакви услови и околности во општа економска криза ова е мошне важен напор и од страна на турскиот народ и од страна на раководството на ТИКА да ни дадат ваков вид на поддршка во вид на опрема за нашата Клиничка болница.  Со овој чекор, но и со поддршка на Министеството за здравство се надеваме дека ќе бидеме чекор по чекор да го подигнеме нивото на давање на здраствени услуги во нашата установа, изјави Амир Елези, директор на Клиничка болница Тетово. И министерот за здравство Беким Сали истакна дека опремата е значачајна инвестиција за зајакнување на одделот за торакална хирургија. - Воедно и за унапредување на здравствената услуга за пациентите во оваа болница која обезбедува услуги за над 150 илјади во северозападен регион. Болницата во изминатиот период доби монитори за одделение за интензивна нега, нови апарати за ЕХО дијагностика, опрема за офтамологија и инициравме проширување на дејноста на болницата за вршење на специјалистичко-консултативна од областа на торакалната хирургија, изјави Беким Сали. Во иднина Одделот за тораклна хирургија треба почне да функционира во новипростории на вториот кат од новиот Дијагностичко-ургетен центар во кругот на болницата. ас/цр

Остани поврзан