• понеделник, 23 декември 2024

МД „Илинден“-Тирана од албанските власти бара поставување спомен-плоча за Горан Стефановски во село Ербеле

МД „Илинден“-Тирана од албанските власти бара поставување спомен-плоча за Горан Стефановски во село Ербеле

Тирана, 23 февруари 2024 (МИА) - Македонското друштво „Илинден“-Тирана достави барање до албанската општина Пешкопеја (Дибра) и Советот на општината, во селото Ербеле, административна единица Маќелара, да биде поставена спомен плоча, за еден од најреномираните македонски драмски писатели Горан Стефановски, чие потекло е од село Ербеле.

-Тоа ќе биде голема чест за македонско националното малцинство кое живее во селото Ербеле. Текстот на спомен плочата ќе биде на три јазици, македонски, албански и англиски и ќе биде контакт точка за мултикултурните врски меѓу Албанија и Македонија и поттикнување на понатамошни проекти за соработка во културната сфера и ќе помогне да се афирмира село Ербеле, како пример за соживот и мултикултурализам, изјави за МИА, претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај.

Поред него на плочата ќе пишува: „Сите живи суштества се раѓаат со инстинкт за преживување. Пајаците, за да преживеат, ткаат мрежи. Луѓето, за да преживеат, ткаат приказни. За нас нема ништо поважно од овие приказни. Тие се сржта на нашиот живот, ’рбетот на нашиот идентитет.“

Стефановски корени влече од Ербеле, каде живеле неговиот дедо Стрезо и баба му Алтана, кои мигрирале во Скопје, каде изградиле една од првите куќи во Дебар Маало.

- Големо влијание врз творештвото на Стефановски имаше токму потеклото од овој крај и семејната историја. Тој постојано се интересирал за историјата на своето семејство и го посетувал селото Ербеле, додава Ѓурѓај.

Горан Стефановски е роден на 27 април 1952 година во Битола каде неговите родители работеле во Народниот театар во овој град. Почина во 2018 година на 66-годишна возраст, во Кентербери, Англија. вт/цр

Фото: Македонското друштво „Илинден“-Тирана

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан