• недела, 22 декември 2024

МД „Илинден“-Тирана бара од албанската Влада Комитетот за национални малцинства да прерасне во Агенција

МД „Илинден“-Тирана бара од албанската Влада Комитетот за национални малцинства да прерасне во Агенција

Тирана, 5 март 2024 (МИА) – Македонското друштво „Илинден“-Тирана, бара од албанската Влада досегашното тело Комитет за национални малцинства, од консултативно тело на Владата да прерасне во Агенција за национални малцинства со посериозни и обврзувачки ингеренции за афирмација на националните малцинства во Република Албанија.

-Комитетот за националните малцинства е формиран во 2004 година од страна на албанската Влада како централна институција зависна од Владата, со задача да ја подобри заштитата на малцинствата во земјата. Членуваат претставници на сите признати малцинства во земјата, вклучително, од самото формирање имаме и македонски претставник, изјави за МИА Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.

Но, додава, како што е утврдено во многу извештаи на меѓународни институции кои се занимаваат со правата на малцинствата, оваа институција е подложна на политичко мешање, што, според него, резултира со негова целосна контрола од извршната власт и нејзина трансформација од тело за заштита на малцинствата, во тело штетно за дијалогот меѓу Владата и малцинствата.

-Затоа, сметаме дека Комитетот за националните малцинства треба да биде независен и активен глас на малцинствата, со способност да учествува во дијалог со Владата за заштита и подобрување на правата на малцинствата во Албанија, а неговата работа да биде јавна и присутна на медиумите во државата, посочува тој.

До реализација на ова барање, друштвото од име на Македонците посакува Комитетот за национални малцинства да покаже поголема активност за малцинствата, и секако за македонско национално малцинство во Република Албанија, а не да биде во сенка, додавајќи дека ова владино тело „треба да ги воздигне малцинствата и да им помага во борба за опстанок во Република Албанија“. вт/дма/

Фото: Лого

Остани поврзан