• среда, 18 јуни 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

МВР: 2252 сообраќајни прекршоци во празничниот викенд, 1018 за брзо возење

МВР: 2252 сообраќајни прекршоци во празничниот викенд, 1018 за брзо возење

Скопје, 22 април 2025 (МИА) - Во текот на празничните денови од 18-ти до 21 април продолжувајќи со континуираните сообраќајни контроли на патиштата низ земјава, полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи издале вкупно 2252 платни налози за сторени прекршоци од страна на учесниците во сообраќајот, претежно по однос на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Притоа, како што информираат од МВР, заради неправилно паркирање евидентирани биле 308 прекршоци, 1018 заради возење со брзина поголема од дозволената, а дури 254 учесници во сообраќајот управувале возило без возачка дозвола.

-Исто така регистрирани се 105 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас, санкционрани се 25 возачи на мотоцикл за возење без заштитна кацига, потоа изречени се 46 мерки за користење на мобилен телефон при возење, додека пак 66 возачи се отстранети од сообраќај заради возење под дејство на алкохол, а изречена е 21 санкција за минување на црвен семафор, се вели во денешното соопштение од МВР. 

По однос пак на Законот за возила од сообраќај се отстранети 60 возила од кои заради техничка неисправност 13, а заради неважечка сообраќајна дозвола 47 возила.    

Од МВР најавуваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираат до граѓаните да се почитуваат сообраќајните правила и прописи за поголема безбедност во сообраќајот и заеднички придонес за посигурни патишта. сст/

фото МИА архива

Остани поврзан