• понеделник, 25 ноември 2024

МВР: Расчистено убиството пред ТЦ „Мавровка“

МВР: Расчистено убиството пред ТЦ „Мавровка“

Скопје, 21 август 2024 (МИА) – Министерството за внатрешни работи информира дека СВР Скопје целосно ги расчисти кривичните дела „убиство" и „убиство во обид“, кои беа извршени вчера на паркинг просторот позади трговскиот центар „Мавровка“, каде што со употреба на огнено оружје беше убиен В.Е.(58) од Скопје и на улица „Стојна Стефкова“, каде со пиштол беше пукано кон полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје.

Од МВР велат дека по преземени мерки и брза реакција на СВР Скопје, специјалните полициски сили, хеликоптери и дронови бил фатен и лишен од слобода сторителот на кривичните дела Е.К.(39) од Скопје.

- Веднаш потоа, од Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни и сексуални деликти при СВР Скопје беа извршени увиди на местата, беа извршени разговори со сведоци како и претреси во домови на неколку локации, беа прегледани видео записи и беше извршена претрага на терен за обезбедување на материјални докази како што се возила, пиштол, чаури и други одземени предмети. Од страна на Одделот за форензички испитувања при МВР извршено е вештачење на чаури и пиштол со кое вештачење се поврзуваат двете кривични дела со сторителот Е.К., стои во соопштението од МВР.

По обезбедување на целокупниот доказен материјал, Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни и сексуални деликти при СВР Скопје во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, против Е.К. поднеле кривична пријава по брза постапка поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство”, „убиство” во обид, и  „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали”. Пријавата беше прифатена од Обвинителството и е издадена наредба за истрага.

За второто лице кое беше лишено од слобода вчера, од МВР велат дека до овој момент не е утврдена поврзаност со настанот и е ослободен, а се преземаат интензивни мерки за пронаоѓање и на уште едно инволвирано лице за кое постои сомневање дека помагало во извршувањето на кривичното дело „убиство“. ар/аа/
Фото:МИА 

Остани поврзан