• понеделник, 23 декември 2024

МВР: Приведени четири лица и запленета дрога со вредност од околу 70.000 евра

МВР: Приведени четири лица и запленета дрога со вредност од околу 70.000 евра
Скопје, 14 септември 2021 (МИА) - Во координирана акција на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција- Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, ОВР Гостивар и ОВР Дебар вчера лишени се од слобода четири лица и запленети се околу 20 килограми марихуана, со вредност од околу 70.000 евра, како и три возила, информира денеска Министерството за внатрешни работи. - Полициски службеници од ОВР Дебар кај Бошков мост се обиделе да сопрат патничко моторно возило „голф“ со скопски регистерски ознаки  поради сомнение дека во возилото има дрога, но возачот не застанал и се дал во бегство, а по преземени мерки и активности во близина на Скудрински мост  пронајдено е возилото и приведен А. И. (32) од село Никуштак. Во возилото се пронајдени две големи торби со 20 пакувања марихуана, наведуваат од МВР во соопштение. Во координација со надлежен јавен обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, на магистралниот пат Дебар-Гостивар сопрено е патничко моторно возило „рено лагуна“ со германски регистерски ознаки, кое имало улога на „чистач“ при транспортот, при што се лишени од слобода возачот Б. Џ. (45) од село Арачиново и Б. А. (34) од село Арачиново, кој се барал и со потерница за претходно сторено кривично дело. Од МВР посочуават дека денеска, во врска со овој случај, во Дебар е лишен од слобода и У. Н. (28) од село Бањишта и извршени се и претреси, при што се пронајдени поголема сума на пари, мобилни телефони и сим картички, а одземени се и три возила. Против лицата ќе биде поднесена кривична пријава по чл. 215 став 3 од Кривичниот закон и ќе бидат изнесени пред надлежен судија. аа/лв/

Остани поврзан