МВР објави меѓународна потерница по Сашо Мијалков
- Министерството за внатрешни работи објави меѓународна потерница по Сашо Мијалков, поранешниот шеф на УБК.
Скопје, 22 февруари 2021 (МИА) – Министерството за внатрешни работи објави меѓународна потерница по Сашо Мијалков, поранешниот шеф на УБК.
- Сашо Мијалков се бара по наредба за распишување на потерница на Основен суд Скопје 1, а врз основа на решение на судот со кое му е определена мерка куќен притвор, поради постоење на основано сомневање дека сторил кривично дело „Злоупотреба на службената положва и овластување“ од чл. 353, кривично дело „Злосторничко здружување“ од чл. 394 и кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“ по член 350 од КЗ, се вели во објавената меѓународна потерница на веб страната на МВР.
МВР денеска попладне имаше објавено национална потерница против поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, откако тој од вчера попладне е недостапен, и полицијата не успеала да му го врачи решението за куќен притвор, што како мерка на претпазливост, на барање на обвинителството го донел Кривичниот суд.
Министерството за внатрешни работи, претходно денеска соопшти дека бидејќи од досега преземените мерки и активности лицето не е пронајдено, ќе го известат судот и ќе побараат да биде издадена наредба за распишување на меѓународна потерница.
Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, денеска попладне информираше дека веднаш по приемот на барањето, има донесено решение за согласност за распишување меѓународна потерница од страна на МВР и истото е доставено до барателот.
-Заради интерес на медиумите во однос меѓунардоната потерница за обвинетиот С.М., ја информираме јавноста дека од страна на надлежното Министерство за внатрешни работи до Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, предпладнево е поднесено барање за согласност од судот за распишување меѓународна потерница за обвинетиот на кој во текот на вчерашниот ден му беше определена мерка куќен притвор со 24 часовен надзор по негово пронаоѓање односно лишување од слобода, се наведува во соопштението од судот.
Поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, од вчера попладне е недостапен, и полицијата не успеала да му го врачи решението за куќен притвор, што како мерка на претпазливост, на барање на обвинителството викендот го донесол Кривичниот суд.
Тој е еден од обвинетите за нелегалното прислушување на над 20 илјади граѓани во периодот од 2008 до 2015 година. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Обинителството во завршните зборови за Таргет-Тврдина побара максимална казна за Сашо Мијалков, а пресудата треба да биде објавена в петок, на 26 февруари. аа/нд/