• понеделник, 23 декември 2024

Прањиќ: Кокаинот беше пронајден во специјално направени бункери

Прањиќ: Кокаинот беше пронајден во специјално направени бункери

Скопје, 3 јуни 2023 (МИА) - Вчерашната акција во која се запленети 161 килограм кокаин на пристаништето во Солун е продолжение на акцијата што македонската и грчката полиција ја реализираа во мај кога беа запленети 105 килограми кокаин и беа лишени од слобода 10 лица во Грција и четири лица во Северна Македонија.

- Вчерашната акција е продолжение на успешната акција од 08 и 09.05 2023 година кога во Солун беа запленети 105 кг кокаин и беа лишени од слобода 10 лица во Грција, и тоа седум лица државјани на Република Грција и три лица државјани на Република Албанија, додека во Република Северна Македонија беа лишени од слобода четири лица, наши државјани, кои во моментот се притворени и се наоѓаат во истражниот затвор Скопје, изјави денеска портпаролката на МВР Сузана Прањиќ-Талевска. 

Таа посочи дека во рамки на проверките за лицата и фирмите кои беа инволвирани во првиот случај било утврдено дека веќе лишените лица нарачале и организирале и втора, нова количина на кокаин од Еквадор.

- Во соработка со Службата за дрога од Солун беа утврдени контејнерите, по што по нивното пристигнување на пристаништето во Солун истите беа предмет на контрола. На 02.06.2023 полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи, Единица за недозволена трговија со дрога, заедно со грчките колеги на пристаништето во Солун презедоа заеднички активности за откривање и вадење на наркотичната дрога кокаин во количина од 100 пакувања, односно во секој контејнер биле пронајдени по 50 пакувања со кокаин, со вкупна тежина од 161 килограм. Притоа, кокаинот беше пронајден во специјално направени бункери - крипти во шините од подот на двата контејнера, наведува Прањиќ-Талевска.

Таа додаде дека Одделот за крим-полиција во текот на следната недела ќе достави известување до надлежниот Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. вг/бак/

Фото: МВР

Остани поврзан