• четврток, 20 февруари 2025

МВР: Вчера во рамки на сообраќајните контроли издадени 949 платни налози

МВР: Вчера во рамки на сообраќајните контроли издадени 949 платни налози

Скопје, 20 февруари 2025 (МИА) - Според досегашните статистичко-компаративни анализи од континуираните и засилени сообраќајни контроли што се превземаат секојдневно на патиштата низ земјава, и натаму останува заклучокот дека непочитувањето на прописите по однос на паркирањето, потоа пречекорувањето на брзината на движење и секако – возењето без возачка дозвола се прекршоци што најчесто ги прават учесниците во сообраќајот во државава, велат од Министерството за внатрешни работи.

Во тој поглед, додаваат, анализата на вчера превземените сообраќајни контроли само го потврдува таквиот заклучок.

-Така, вчера, од 949 издадени платни налози од страна на полициските службеници на целата територија на земјата, 313 прекршоци се однесуваат на неправилно паркирање, 154 – на пречекорување на брзината на движење, а 96 - на управување без возачка дозвола. Исто така, забележително е дека зад оваа група на прекршоци и натаму следат по бројност прекршоците што се однесуваат на некористењето на сигурносен појас – 59, како и прекршоците заради говорење на мобилен телефон при возење – 32. Во рамки на вчерашните контроли прекршочно се санкционирани и 17 пешаци, шестмина возачи минале на црвено светло, а осумина возеле под дејство на алкохол, информираат од МВР.

Инаку, согласно одредбите на Законот за возила, вчера беа евидентирани и 27 случаи на нерегистрирани возила што учествувале во сообраќајот, додека пак кај 34 возила била констатирана техничка неисправност. сст/са/

фото МВР архива

 

 

 

Остани поврзан