• недела, 22 декември 2024

МВР билтен (ДПЛ)

МВР билтен (ДПЛ)

Скопје, 18 август 2024 (МИА) - Надворешната канцеларија за криминалистички работи - Берово поднесе кривична пријава против Б.Ч., 26-годишно лице од овој град, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“.

На 20.07.2023 во Берово, пријавениот посредувал во купување марихуана за друго лице, што била пронајдена и одземена.

Денеска во 6.30 часот на подрачјето на Кисела Вода, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР - Скопје ја привеле 41-годишната скопјанка Ј.В., постапувајќи по претходна пријава дека во казино го нарушила јавниот ред и мир со физичка пресметка со Д.Т. и И.М., двете лица на 39-годишна возраст, оштетила дел од инвентарот во казиното и агресивно се однесувала кон полициски службеници, кои извршувале службени дејствија.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Вчера во 00.30 часот, полициски службеници од СВР - Струмица го лишиле од слобода А.М., 23-годишник од струмичко село, постапувајќи по претходна пријава од неговиот татко, дека претходниот ден, околу 21 часот, по кратка расправија, му упатувал закани и физички ја нападнал неговата мајка, по што оштетил дел од покуќнината.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Вчера во 18 часот, Х.Р., 33-годишен прилепчанец пријавил дека на улицата „Илија Игески“ во Прилеп, С.Н. запалил поголема количина сува трева и различни стари предмети, по што го напуштил местото.

Пред да се прошири, огнот бил изгаснат од Х.Р. и соседите. Се работи на расчистување на случајот.

Утрово во девет часот, полициски службеници од ОВР - Прилеп го лишиле од слобода М.Л., 43-годишен прилепчанец, постапувајќи по претходна пријава дека физички ја нападнал неговата 48-годишна вонбрачна сопруга.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.

Вчера во 14.32 часот во СВР - Скопје било пријавено дека настанал пожар во атар на селото Бадар, општина Петровец.

Полициски службеници од Полициското одделение - Петровец излегле на местото и било констатирано дека Ѓ.С., 72-годишен скопјанец, запалил сува трева за да го исчисти дворот од неговата викенд - куќа. По укажување на полициските службеници дека пожарот може неконтролирано да се прошири, бидејќи плацот е непосредно до шума, Ѓ.С. го изгаснал огнот.

Синоќа во 21.25 чaсот, А.Е., 33-годишен битолчанец, пријавил дека на улицата „Филип Втори Македонски“ бил физички нападнат од М.„Н“ од Битола.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 14 часот во Полициската станица - Гази Баба, М.И. - затворски полициски службеник во Казнено - поправната установа „Затвор - Идризово“, пријавил дека бил физички нападнат од осуденикот Д.Ф..

Увид бил извршен и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР - Скопје поднесе кривична пријава против И.И., 58-годишен скопјанец, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице, при вршење работи на безбедноста“.

На 12 јули, во просториите на Полициската станица - Кисела Вода, пријавениот агресивно се однесувал и упатувал закани кон полициски службеници.

Синоќа во 19.50 часот, 20-годишниот Х.Г. од село Бучин пријавил дека околу 15.30 часот, на работното место во РЕК „Битола“, бил физички нападнат од неговиот колега Ѕ.Х..

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Рано изутринава, во 3.15 часот во СВР - Охрид, од охридската Општа болница било пријавено дека кај нив, со повреди бил донесен М.Д., 23-годишен охриѓанец.

Според пријавеното, околу два часот пред угостителски објект во градот, тој бил физички нападнат од Д.Р. од Охрид. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 8.20 часот во СВР - Струмица, З.С., 56-годишник од село Вељуса, струмичко, пријавил дека околу седум часот пред продажен објект во градот, бил физички нападнат од В.Ј..

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Синоќа во 21.05 чaсот во СВР - Битола, лице пријавило дека околу 18 часот во село Лера било физички нападнато од Ј.Т. од селото Цапари.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Денеска во 10 часот во СВР - Скопје, 35-годишна скопјанка пријавила дека во семејниот дом, на подрачјето на Бит Пазар, била физички нападната од нејзиниот вонбрачен партнер Ј.Д..

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 12.40 часот, полициски службеници од СВР - Куманово го привеле М.Е., на возраст од 66 години од скопско Арачиново, постапувајќи по претходна пријава дека на улицата „11 Октомври“ во градот, физички го нападнал И.З., 54-годишен кумановец. 

По документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи - Гостивар поднесе кривична пријава против Ј.С., 48-годишник од село Чегране, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“.

Пријавениот, во текот на 2016 година обезбедил фалсификувана македонска возачка дозвола, што ја употребил во Сојузна Република Германија за да ја замени со германска возачка дозвола.

Вчера во 17.30 часот во СВР - Скопје, К.Ш., 65-годишен скопјанец, пријавил дека околу 16.20 часот на подрачјето на Центар, едно лице физички го нападнало и му го одзело мобилниот телефон, при што употребило и остар предмет.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Синоќа во 23.35 часот во СВР - Скопје, Б.Ѓ., 45-годишник од скопско Радишани, пријавил дека околу 21.20 часот на игралиште на подрачјето на Чаир, неговиот малолетен син, по претходна расправија со друг малолетник, бил физички нападнат од едно лице, кое се претставило дека е негов татко.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Завчера во ОВР - Свети Николе било пријавено дека во периодот од осум до 22.30 часот во село Макреш, светиниколско, настанал пожар во куќа сопственост на О.А., на возраст од 64 години од село Немањици, светиниколкско, при што била опожарена целата куќа со покуќнината, штала и со помошен објект.

Пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема.

Вчера во 16.50 часот во ОВР - Струга било пријавено дека на улицата „Владо Малески“ настанал пожар на сува трева, се проширил и зафатил покривна конструкција од објект во изградба, сопственост на Ј.П., на 36-годишна возраст.

Од екипа на Територијалната противпожарна единица - Струга пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Увид извршила екипа на ОВР - Струга.

Вчера во 11.35 часот во СВР - Охрид, В.С., 43-годишен охриѓанец, пријавил дека петмина - негови вработени лица од Непал, со привремен престој во градот, на возраст од 19 до 27 години, се оддалечиле од местото каде престојувале.

Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата.

Вчера во 17.12 часот во СВР - Скопје било пријавено дека на улица „Козара“ во градот, две лица фрлиле експлозивна направа, по што настанал пожар на сува трева.

Пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Полициски службеници излегле на местото и пронашле делови од шок - бомба. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Денеска во 00.30 часот во ОВР - Делчево било пријавено дека настанал пожар во куќа во село Треботивиште, делчевско, сопственост на И.О и П.О..

Пожарот бил изгаснат од екипа на територијалната противпожарна единица - Делчево, а повредени лица нема. Увид бил извршен.

Рано утрово околу 1.15 часот во СВР - Скопје било пријавено дека на излезот од Шуто Оризари кон село Визбегово, скопско, била фрлена експлозивна направа во склад за градежни материјали, сопственост на И.Т., 45-годишник од селото, при што била оштетена влезната врата од објектот и дел од инвентарот.

Повредени лица нема, а увид извршила екипа од СВР - Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во СВР - Битола било пријавено дека во периодот од 14 до 17 август на улицата „Кузман Јосифовски“, со спреј била исчкртана и оштетена портата од заштитната ограда и информативната табла на џамија во изградба.

Увид бил извршен и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 11.20 часот во Полициското одделение - Галате, М.Б., 58-годишник од село Врапчиште, гостиварско, пријавил дека во селото Дебреше бил каснат од куче скитник. бд/вг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан