• четврток, 04 декември 2025

„Мајка“ на Теона Стругар Митевска распродаден за киноприкажување во над 15 европски земји

„Мајка“ на Теона Стругар Митевска распродаден за киноприкажување во над 15 европски земји

Скопје, 25 јули 2025 (МИА) - Македонскиот филм „Мајка“ во режија на Теона Стругар Митевска ќе ја има својата светска премиера на 81. издание на престижниот Венецијански филмски фестивал. Филмот ќе ја отвори програмата „Хоризонти“ на првиот натпреварувачки ден на годинешното издание на фестивалот во Венеција. Филмот веќе е распродаден за киноприкажување во повеќе од 15 европски земји пред да ја има својата светска премиера.

Во филмот Никола Ристановски ја толкува улогата на отец Фредерик, покрај шведската актерка Номи Рапас („Девојката со тетоважа на змеј“, 2011) во улогата на Мајка Тереза и Силвија Фокс во улогата на сестра Агнешка.

Продуцентката на филмот Лабина Митевска на прес-конференција информира дека се работи за амбициозен проект, кој  го почнале пред 17 години.

- Благодарение на македонската национална телевизија, која тогаш мене и на Теона ни понуди да правиме документарен филм за Мајка Тереза. Тогаш наивно прифативме, не знаејќи колку во суштина е тешко да се дојде до вистински информации за Мајка Тереза. Кога го правевме истражувањето сфативме дека тоа се легенди, останати за неа, а дека има само четири сестри кои тогаш имаа по 80 години, кои можат да ги кажат директно приказните за неа, рече Митевска. 

Таа информираше за контактите, за преговорите и за препреките со кои се соочиле при снимањето на филмот. - Не пуштија зошто им објаснивме дека тие сестри набрзо ќе си отидат и дека нема ништо да им остане од фактите за Мајка Тереза. Им рековме дека ние сето тоа ќе го снимаме, сите интервјуа ќе ги снимаме и ќе ви ги дадеме вас во архива. Вие ќе имате архива, а ние ќе направиме документарец и тогаш се согласија. Отидовме таму и одеднаш сите врати ни се отворија, посочи Митевска.

„Мајка“ е филм од скоро 4 милиони евра. - Ова за мене е најамбициозенпроект кој сум го работела и за Македонија. Македонија во последните 15-20 години немала филм со ваков буџет, со вакви ѕвезди, рече Лабина Митевска.  

Режисерката Теона Стругар Митевска преку видео-конференциска врска исто така потенцира дека многу наивно, со детска наивност и отвореност влегле во целиот проект.  - И моментот кога некому ќе кажевме дека сме од Македонија, од земјата на Мајка Тереза, се ни беше дадено „на тацна“, додаде Митевска. 

-Зборувавме со четирите сестри, единствените останати кои директно работеле со Мајка Тереза на самите почетоци. Се повеќе добивавме информации за карактерот на Мајка Тереза и тука се препознав себе си. Таа е амбициозна жена, која е како бик, која е спремна да направи се за да ја постигне својата цел. Ми се допадна таа амбиција, таа строгост, спремност да се жртвува себе си во името на својата идеја, нагласи Митевска. Откако го направиле документарецот, односно четири или пет епизоди, се договорале за филм со Гоце Смилевски, кој прво одбил да напише филм за Мајка Тереза. 

Сценаристот Гоце Смилевски рече дека почнал да работи зошто добил комплетна слобода  во креацијата на ликот и избор на време. - Целото дејствие да се збие во оние неколку дена, кога таа решава да излезе од манастирот, да тргне на улиците на Калкута и да ја покрене својата мисија, рече Смилевски, додавајќи дека има поместувања од фактите.

В.д. директорот на Агенцијата за филм Сашко Мицевски потенцира дека Теона и Лабина Митевски почнале да пишуваат на светската мапа многу одамна и додаде оти се што ќе допрат вели, станува злато. Смета дека овој филм е доказ за нивната истрајност, креативност, емотивна приврзаност кон филмот. Нагласи дека тие две се инспирација за сите филмски работници во земјава и надвор и за сите вработени во Агенцијата за филм.

Филмот „Мајка“ е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Индија, Босна и Херцеговина и Данска. Поддржан е од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Creative Europe – MEDIA, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Белгиската национална и регионална филмска поддршка, Белгиската национална телевизија, Шведскиот филмски фонд, шведски регионални фондови, Филмскиот фонд од Сараево и Индиската канцеларија за повраток на данок.

Директор на фотографија е Виржини Сен Мартан од Белгија, долгогодишен соработник на Митевска. Сценографијата е дело на Вук Митевски, прв асистент на режија е Јане Ќортошев, сценариото е потпишано од Гоце Смилевски, Теона Стругар Митевска и Елма Татарагиќ. мд/вг/

Фото: МИА 

 
 

Остани поврзан