• петок, 22 ноември 2024

Маја Кикириткова ја отвора, а Елена Лука ја затвора втората сезона на Скопскиот моден фестивал

Маја Кикириткова ја отвора, а Елена Лука ја затвора втората сезона на Скопскиот моден фестивал
Скопје, 10 ноември 2022 (МИА) - Под слоганот „Can you feel the light?“, денеска и официјално ќе биде означен почетокот на втората сезона на најголемата модна манифестација во земјата, во рамки на која предвидени се три ревии заклучно со 12 ноември, по што ќе следи и еднонеделен изложбен салон од 13 до 20 ноември во трговскиот центар Скопје Сити Мол. Второто издание на модниот фестивал ќе го отвори колекцијата „Ти можеш, ти си силна“ од македонскиот бренд „Eleazar“ на дизајнерката Маја Кикириткова. Инспирирана од жената во својата најдлабока форма на самоувереност и самостојност, креацииите на Кикириткова истовремено издишуваат жена без предрасуди и жена која знае што сака. Второ модно изненадување вечерва е автентично-уметничкиот приказ „Гоблен“, со потпис на дизајнерот Етник Шала, од Косово кој прват ќе ѝ се претстави на македонската публика, а завршетокот на првиот ден ќе донесе нови идеи од нови дизајнери кои доаѓаат од Академијата за моден дизајн при Скала – школата за дизајн, уметност и технологија. -Под менторство на професорите Александар Ношпал и Никола Булески – Буле, петте млади и надежни имиња: Марија Трајковска, Ангела Спасовска, Луна Аврамовска, Милица Димитријевиќ и Ива Ивановска, со своите креации ќе нѐ прошетаат во ерата на 70-тите, либералистичкото движење, панкерските ноти и убавината на жената – вечниот неисцрплив извор на инспирација, посочуваат организаторите. Утре ревијалната програма ќе стартува со првата самостојна ревија на Мелани Дигит пред скопската публика. По учествата на престижни настани во странство, нејзините креации најпосле ќе дебитираат на фестивалот и во нашата метропола. Таа ќе се претстави со Колекцијата со назив „Фигура“ - машки и женски модели, кои се нова стилска интерпретација на старите капути, бунди, мантили, јакни и палта. Веднаш по неа, на ред е ревијата на една од најавтентичните домашни дизајнерки - Сара Реџиќ, која ќе ја презентира најновата колекција со назив „ЈЕСЕНИЈА“. Таа доаѓа како резултат на сѐ она што брендот со години го промовира – романтична и оддржлива приказна, преку триесет комбинации искроени со љубов. За раскош и блесок на подиумот ќе се погрижи модното ателје Kraljevski, со премиерен приказ на колекцијата наречена „Нема граници“. Инспирирана е од главната идеологија на брендот дека во модата не постојат граници. Креациите оддаваат силен израз на безкомпромисни дезени и принтови инспирирани од различните стилови на клиентите на брендот. Моќта на машката мода ја вдахнува брендот на етаблираниот дизајнер Роберт Ивановски, кој на крајот од втората фестивалска вечер ќе промовира линија на ленени машки креации во црна, кралско сина и зелена боја. Чувството на комфор и стилизирана комбинираност е суштински елемент во колекцијата именувана „X|“. Третата ревиска вечер, во сабота, ќе ја отвори сценското шоу на брендот HERLINE, со колекција содржана од женствена спортска облека и елегантни костими за капење „Revelation“ кои ја редефинираат визијата за квалитетни и удобни модели со нивните препознатливи заштитни лица. „LIBERTY“, пак, е симболичниот назив на колекцијата со уникатни изгледи на Стефанија Насеска. Нејзиниот бренд повеќе од една деценија се стреми кон рушење на стереотипите и ги поместува границите во модниот свет. Општествените случувања на глобално ниво, проткаени со непрекинат поглед кон убавото, претставуваат новото лице на популарната дизајнерката што присутните ќе го видат на втората саботна ревија. Нотите на грациозност и самодоверба се дел од новата колекција на македонскиот бренд La maison Cece T. Дебитантската ревија на фестивалот ќе ја има со колекцијата именувана „Metamorfosis“, а преку изведбата ќе ја маркира елеганцијата во допир со женската фигура. Крунисувањето на ревиските вечери ќе ѝ припадне на престижната модна куќа Elena Luka со колекцијата за пролет и лето „Satin dream“, која ексклузно ќе биде презентирана на Скоскиот моден фестивал. Креативниот имплус вткаен во креациите е поттикнат од божиците и нимфите од грчката и римската уметност. Во деликатната изработка користени се памучен сатен, префинета органза и свилен жоржет, а во колоритот доминанта е палетата од земјени, златни и бакарни нијанси. Во недела, на 13 ноември, вниманието кон единствениот моден фестивал во земјата ќе се пресели во изложбениот салон на првиот кат од трговскиот центар Скопје Сити Мол, каде на едно место ќе може сите заинтересирани да ги погледнат и нарачаат оригиналните креации на учесниците на втората сезона. Свеченото отварање е од 13:00 часот. вг/са/

Остани поврзан