• понеделник, 23 декември 2024

Мас: Нема доволно време за евакуација на сите германски граѓани од Авганистан

Мас: Нема доволно време за евакуација на сите германски граѓани од Авганистан
Берлин, 24 август 2021 (МИА) - Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас денеска изјави дека до завршувањето на акцијата за евакуација од Кабул, до крајот на август, нема да може да се извлечат сите германски државјани и локалната германска работна сила од Авганистан. Мас за телевизијата Билд изјави дека неговото министерство е во контакт со сто граѓани и нивните семејства и дека тие се обидуваат безбедно да ги донесат на аеродромот со цел да бидат распределени на летовите за евакуација. - Американците рекоа дека ќе продолжат со акцијата за евакуација до 31 август. Во овој момент, Вашингтон размислува дали акцијата може да се продолжи, рече Мас. Тој додаде дека е неопходно да се анализира колку долго може да се обезбеди безбедноста на силите на самото место, како и луѓето што треба да бидат евакуирани. - Нема да има доволно време за да ги евакуираме сите, истакна Мас, наведувајќи дека Германија со САД и Велика Британија започнала да проверува како да ги спаси луѓето од Авганистан и по акцијата за воена евакуација. Тоа што германската Влада мора да преговара со талибанците за евакуација на своите граѓани, тој го окарактеризира како најлоша работа, но исто така посочи дека нема алтернатива. - Единствената алтернатива би била да ја оставиме нашата локална работна сила сама на себе. А, на тоа не сме подготвени, истакна Мас. паг/  

Остани поврзан