Масовно тестирање на работници во пет штипски конфекции кои се затвораат
- Да се затворат оние пет конфекции во кои се регистрирани нозаразени работнички од коронавирус, а се превезувале со исти автобуси со првозаразените од конфекцијата „Т Стајл“. Ова е денешната о
Штип, 1 јуни 2020 (МИА) - Да се затворат оние пет конфекции во кои се регистрирани нозаразени работнички од коронавирус, а се превезувале со исти автобуси со првозаразените од конфекцијата „Т Стајл“. Ова е денешната одлука на Општинскиот кризен штаб – Штип на кој присуствуваше и државниот секретар во Министерството за здравство, Владимир Милошев, објави градоначалникот и командат на Општинскиот кризен штаб, Благој Бочварски.
Тој на денешната прес-конференција истакна дека е завршен скринингот на текстилните работнички во конфекцијата која е затворена веќе една недела, а според резултатите, 55 отсто од работниците се позитивни на Ковид -19.
-Затварањето на овие пет конфекции ќе важи до крајот на неделава, односно од понеделник ќе започнат со работа, но тоа ќе биде во координација со институциите. Дотодаш епидемиолозите ќе направат целосна анализа и ќе ги повикаат на тестирање овие вработени, кои ќе проценат кои треба да бидат тестирани, до тогаш задолжително, повторувам задолжително мора да останат дома сите текстилни работнички, од овие текстилни компании, рече Бочварски.
Станува збор за конфекции во кои вкупно се вработени од 450 до 500 работници. Бочварски забележа дека е голем противник на повторно воведување на полициски час или ставање на карантин целиот град.
-Би сакал да предочам и да го кажам мојот јасен став дека како следен чекор ќе иницирам дел од овие ригорозни мерки во име на општинскиот штаб да се стават во функција, а тоа значи дека доколку не сме на ниво на задачата, сите граѓани, сите институции ќе предложам до централниот штаб да имаме целосна блокада на Општина Штип, нешто коешто ќе биде разгледувано и во наредните денови. Затоа и апелирам до сите граѓани, на максимална и крајна коректност и внимание во наредниот период, рече Бочварски.
Додаде дека малото опуштање на граѓани изминатиот период и непочитувањето на мерките доведе до денешниве бројки. Побара од работниците кои наредните денови ќе бидат затворени да не се шетаат низ градот, туку да седат дома согласно препораките на здравствените работници и доколку се јават сипмтоми да ги контактираат епидемиолозите.
Државниот секретар на Министерството за здравство, Владимир Милошев додаде дека донесена е одлука наредните денови Центарот за јавно здравје - Штип, кој ќе биде закајкнат дополнително со кадар од соседните градови да направи масовно тестирање на вработените во овие пет конфекции. Забележа дека денешнава бројка од 27 новозарезени е очекувана, со оглед на лоцираното жариште во една од конфекциите.
-Ќе се земаат брисеви на сите вработени во овие пет конфекции, како Министерство за здравство ќе ги обезбедиме човечките ресурси за помош на Центарот за јавно здравје, додаде Милошев.
Тој истакна дека на помош на штипските епидемиолози ќе пристигнат вработени од Центрите за јавно здравје од Кочани, Струмица и Велес со цел што е можно поголем број на тстирање на вработените во конфекциите.
Тој истакна дека до попладневните часови во Штип во изолација и самоизолација се ставени над 250 работници, но и членови на нивни семејства и пријатели.вј/бт/