• вторник, 05 ноември 2024

Маск: Илјадници Старшип ќе ги носат луѓето на Марс, освен ако Камала не победи

Маск: Илјадници Старшип ќе ги носат луѓето на Марс, освен ако Камала не победи

Сан Франциско, 23 септември 2024 (МИА) – Елон Маск вети дека ќе го однесе на Марс „секој што сака да патува таму“, но истакна дека тоа нема да се случи ако Камала Харис стане претседателка на САД.

Маск синоќа на X објави дека ќе испрати пет вселенски бродови на Марс за само две години. „На крајот ќе има илјадници Старшип кои ќе одат на Марс. Тоа ќе биде прекрасна глетка“, рече Маск.

Сепак, американскиот мултимилијардер и поддржувач на Доналд Трамп изјави дека уште еден мандат на демократите на чело на државата ќе ја „уништи“ програмата за патување на Марс. „Никогаш нема да стигнеме на Марс ако победи Камала“, рече Маск претходно овој месец.

Такво тврдење повторува и самиот Трамп. Републиканскиот кандидат вети дека ќе испрати луѓе на Марс за време на неговиот мандат. „Ќе разговарам со Илон. Илон, придвижи ги ракетите“, рече Трамп на свој митинг, пренесува Скај њуз.

SpaceX зазема пристап со висок ризик-висока награда во истражувањето на вселената. Компанијата стана главен превозник на НАСА до Меѓународната вселенска станица. Пред само две недели, таа му помогна на американски милијардер да стане првиот човек што учествувал во ризична приватна прошетка во вселената. јт/

Остани поврзан