• петок, 20 декември 2024

Маскерано за мечот со Мароко: Ова е најголемиот циркус што сум го видел во мојот живот

Маскерано за мечот со Мароко: Ова е најголемиот циркус што сум го видел во мојот живот

Париз, 24 јули 2024 (МИА) - Скандал каков што фудбалот не доживеал се случи на првиот натпревар од турнирот на Олимписките игри во Париз.

Аргентинците израмнија против Мароко со гол во 90+16. минута. Навивачите на Мароко влетаа на теренот, судијата Ниберг од Шведска досуди нешто, но тоа не беше крај туку прекин. Фудбалерите на Аргентина побегнаа во соблекувалната, а потоа скандалот доби епски размери бидејќи судијата со помош на ВАР собата го прифати барањето на Мароко голот да биде поништен поради офсајд.

По речиси два часа, Ниберг ги врати играчите на теренот, се доигра три минути и натпреварот конечно беше регистриран со победа на Мароко од 2:1. Се на се, првата средба на Олимписките игри во Париз траеше четири часа.

Селекторот на олимписката репрезентација на Аргентина Хавиер Маскерано беше, во најмала рака, бесен по случувањата.

-Ова е најголемиот циркус што сум го видел во мојот живот. Денес седум пати влегуваа на теренот, ни фрлаа петарди. Ни кажаа дека заврши 2:2. Дури и Мароко не сакаше да игра, изјави Маскерано.

А потоа откри дека вчера крадци упаднале во соблекувалната на Аргентина.

-Вчера упаднаа во нашите простории, на Алмада му ги украдоа работите! Бараат да бидеме акредитирани за се, а потоа се случуваат такви работи, додаде легендарниот халф на Барселона.

Во наредните денови ќе има полемики, како за фудбалот и овој преседан од одлуката, така и за слабата безбедност, бидејќи мечот десетина пати беше прекинат поради „скокачи“ од трибините. дс

Фото: Принтскрин

Остани поврзан