Марош Шефчович на клучни трговски преговори во САД за избегнување на царини од 50 отсто
- Блумберг, повикувајќи се на „извори запознаени со ова прашање“, објави дека ЕУ наводно е подготвена да прифати основната царина за увоз на европски производи на американскиот пазар од 10 отсто, под услов таа да важи и за челикот, алуминиумот и автомобилите, кои сега се подложни на значително повисоки царински стапки.
Брисел, 2 јули 2025 (МИА) – Еврокомесарот за трговија Марош Шефчович денеска и утре во Вашингтон ќе се сретне со високи американски претставници во обид да постигне трговски договор со што би се спречило воведување на основна царина од 50 отсто за увозот на европски производи во САД од 9 јули.
Блумберг, повикувајќи се на „извори запознаени со ова прашање“, објави дека ЕУ наводно е подготвена да прифати основната царина за увоз на европски производи на американскиот пазар од 10 отсто, под услов таа да важи и за челикот, алуминиумот и автомобилите, кои сега се подложни на значително повисоки царински стапки. Според истите тврдења, Вашингтон би требало да се обврзе и дека нема да воведува царини за производите на „клучните сектори“, како лековите и полупроводниците.
- Европската комисија го смета овој аранжман како малку фаворизирачки за САД, но и како решение на кое би можела да се согласи, изјавиле изворите на Блумберг кои побарале анонимност.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, до неодамна Европската комисија ја отфрлаше можноста да се согласи на царина од 10 отсто со САД, инсистирајќи на „нула за нула“ царини, но изминативе денови портпаролите на ЕК ниту потврдуваа, но ниту негираа дека ЕУ би прифатила десетпроцентна царинска стапка.
- Од оваа говорница не можам да прејудицирам каков било исход од преговорите, изјави вчера портпаролот на Европската комисија, Тома Рение во одговор на новинарски прашање дали за време на претстојните преговори со САД, ЕУ би можела да се согласи на основна царина од 10 отсто.
Претходно неделава и претставникот на ЕК вклучен во трговските преговори Матијас Јергенсен пред членовите на Комитетот за трговија на Европскиот парламент одби да даде конкретен одговор дали Комисијата би се согласила на царини од 10 отсто.
Пред заминувањето за Вашингтон, Шефчович во понеделникот изјави дека царините од 25 отсто што ги воведе Американската администрација за увозот на европски челик, алуминиум и автомобили се „неодржливи“, но таква оценка не даде и за 10-процентна основна царинска стапка. сп/
Фото: МИА Архива