Марк Карни утре ќе положи заклетва како нов канадски премиер
- Карни, поранешен банкар кој ја водеше Централната банка на Канада и Обединетото Кралство, во неделата беше избран за лидер на Либералната партија на Канада. Тој ќе стане 24-ти премиер на Канада.

Отава, 13 март 2025 (МИА) - Марк Карни утре ќе положи заклетва како следен канадски премиер, одбележувајќи го последниот ден на Џастин Трудо на власт по повеќе од девет години.
Генералната гувернерка, Мери Сајмон, утре претпладне, во 11 часот, ќе ја води церемонијата на полагање заклетва на Карни и неговите министри, се наведува во соопштението од нејзиниот кабинет.
Карни, поранешен банкар кој ја водеше Централната банка на Канада и Обединетото Кралство, во неделата беше избран за лидер на Либералната партија на Канада. Тој ќе стане 24-ти премиер на Канада.
Карни ќе ја преземе функцијата во бурно време за Канада, која е среде трговска војна со долгогодишниот сојузник САД под претседателот Доналд Трамп и наскоро мора да одржи општи избори.
Новиот кабинет на Карни би можел да биде околу двојно помал од извршната власт на Трудо, јави вчера Блумберг.
Британските медиуми наведуваат дека се очекува кабинетот да има меѓу 15 и 20 министри, што е драстично помалку од сегашните 37, вклучувајќи го и премиерот. сд/
фото:МИА архива