• четврток, 19 декември 2024

Марковски: Да се направи прецизен математички модел на мостот „Беласица“ што ќе покаже како би се однесувал во иднина

Марковски: Да се направи прецизен математички модел на мостот „Беласица“ што ќе покаже како би се однесувал во иднина

Скопје, 6 јули 2023 (МИА) - Да се испита присуството на микропукнатини во структурата на бетонот, да се види до каде тие се протегаат и до која длабочина, како и да се утврди температурата што пристигнала до каблите за претходно напрегање, па врз основа на тој податок да се види дали треба контрола на нивните сили или нешто друго. Да се направи еден прецизен математички модел на мостот „Беласица“, што ќе покаже, со вака утврдени карактеристики, како тој би се однесувал во иднина.

Тоа е според професор доктор Горан Марковски некој минимум, што треба да се направи за да може, како што рече на денешната презентација на потребната методологија за утврдување на состојбата на опожарениот мост „Беласица“, ризиците да се сведат на најмалку можна мерка.

Безмалку два месеца изминаа од опожарувањето, а Марковски, инаку декан на Градежен факултет при УКИМ во Скопје, денеска имаше презентација на своето видување околу овој проблем. 

- Времето што ќе биде потребно за санација на мостот ,,Беласица" зависи од состојбата на материјалите и конструкцијата во моментов, после опожарувањето. Доколку со такви подетални истраги се утврди дека треба да се санира само она што е видливо во моментов како оштетување, во тој случај мислам дека за неколку месеци тоа може да се заврши, со добра организација и со елиминирање на оние долги административни постапки. Доколку се утврди дека се зафатени внатрешните кабли, ако кај нив има некакво оштетување, во тој случај санацијата би била значително подолга, времето потребно за санација би било значително подолго, додаде тој. 

Што подлабинско истражување, нагласи, толку ризикот е помал и толку наредните чекори можат полесно да бидат предвидливи. 

Целта на презентацијата, е, со цел, како што рече, да го искаже своето видување на работите, нагласувајќи дека не сака тоа да биде некаква споредба помеѓу тоа што е правено и она што тој смета дека треба да се направи.

На новинарско прашање дали во најцрно сценарио, би имало потреба од уривање на мостот, тој рече дека за него, тоа не е опција и дури и при такво сценарио, работите можат да се средат со санација. бд/аа/


Фото: МИА 

Остани поврзан