• недела, 22 декември 2024

Марија Велинова „отскокна“ на Скопскиот поетски фестивал 

Марија Велинова „отскокна“ на Скопскиот поетски фестивал 
Скопје, 29 август 2022 (МИА) – Марија Велинова е победничка на настанот „Отскочна даска“ на кој во кафе-книжарница „Буква“ вечерва земаа учество тринаесет млади поети од 16 до 25-годишна возраст. Велинова ќе добие можност да чита во главната програма од Второто издание на Скопскиот поетски фестивал кој започнува утре. - Бидејќи јас сега почнувам на некој начин да влегувам на тие настани, претставува дека сум добредојдена и дека ќе можам да запознам повеќе луѓе и да го живеам тоа што го сакам, вели Велинова, која пишува поезија уште од 2018 година. Во исто време во „Буква“ беше отворена и ликовната изложба на колажи за Скопје од Валентина Бакти (Србија) ‒ „Сум страдал, ама убаво ми било“, што посетителите ќе можат да ја видат за времетраењето на фестивалот, односно, до 1 септември.   Вечерта продолжи со пиџеј-сет (поезија и музика) на Сергеј Тимофеев од Латвија ‒ снимки од поетски читања на повеќе странски јазици комбинирани со различни музички стилови: електронска музика, џез и слично. Фестивалот официјално ќе биде отворен утре, на 30 август, во 20 часот со настанот „Во друштво на мртвите поети: како битник ‒ џез и поезија“. Станува збор за тематско поетско читање посветено на битничката генерација поети, на кое авторите во придружба на џез-музичарите Шамба и Сол ќе читаат своја поезија на начинот на кој тоа го правеле битниците. Ќе настапат: Андреј Ал-Асади, Јовица Ивановски, Делвина Крлуку, Мариета Дукиќ, Д. А. Лори, Митко Апостолов, Васко Марковски, Радмила Петровиќ од Србија, Сергеј Тимофеев од Латвија и избраниот млад поет/поетеса од настанот „Отскочна даска“. Читањето ќе се одржи во Младинскиот културен центар ‒ Скопје. В среда, на 31 август, со почеток во 19 часот во МКЦ ‒ Скопје ќе се одржи и „Интернационалната поетска вечер“, на која ќе читаат Влада Урошевиќ, Радмила Петровиќ од Србија, Сергеј Тимофеев од Латвија и Владимир Мартиновски, а вечерта ќе заврши со кус поетско-музички перформанс на Пијан Славеј. Фестивалот ќе заврши в четврток, на 1 септември, во кафе-книжарницата „Буква“, а програмата тој ден ќе започне во 18 часот со работилница за креативно пишување поезија за млади, на која ќе говорат дел од поетите што учествуваат на читањата, на тема „Урбана поезија“. Последниот настан од програмата на второто издание на годинешниот СПФ ќе започне во 21 часот, во „Буква“, со настанот „Стиховно мапирање на Скопје“ ‒ видеопроекција на 12 поетски филмови инспирирани од песни за Скопје. Филмовите ги снимија Сандра Ѓоргиева, Марија Шаклева, Валентина Бакти (Србија) и Диме Данов, врз основа на песни од поетите: Блаже Конески, Анте Поповски, Радован Павловски, Владимир Мартиновски, Васко Марковски, Исток Улчар, Биљана Стојановска, Ана Голејшка Џикова, Јулијана Величковска, Ивана Јовановска, Ѓоко Здравески и Андреј Ал-Асади, по што на прошталната забава присутните ќе уживаат во музиката што ќе ја пушта Александар Сандревски. ар/лв/

Остани поврзан