• четврток, 26 декември 2024

Маричиќ: Што поскоро да ги завршиме обврските за да го фатиме брзиот воз за членство во ЕУ

Маричиќ: Што поскоро да ги завршиме обврските за да го фатиме брзиот воз за членство во ЕУ

Скопје, 3 април 2023 (МИА) - Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за платформата #Деполаризирајсе рече дека продолжувањето на патот до ЕУ не зависи ниту од Софија, ниту од Атина, ниту од Париз, ниту од Берлин, ниту од никого, туку од одлуката дали сакаме да продолжиме со реформите и пристапните преговори.

- Сметам дека вистинското прашање е дали сакаме да го фатиме најбрзиот воз за членство во Европската Унија, а не е дали можеме да смогнеме сили да ги направиме неопходните уставни измени, што ги има во нашата преговарачка рамка, смета Маричиќ.

Тој посочи дека имаме време до ноември, до крајот на скринингот, да ги завршиме обврските и доколку тоа го направиме, со одговорност, зрелост, и свесност на сите политички актери, можеме да очекуваме во декември оваа година, или во јануари идната година, да ги започнеме преговорите за Кластер 1 и поглавјата во него.

- Предноста на новата методологија е што во моментот кога ќе се отвори кластерот, се отвораат сите поглавја од тој кластер, и тоа ни дава можност да се тркаме во сите поглавја, да покажеме подобри резултати, па дури и да ги стигнеме државите коишто веќе десет години преговараат за членство како Србија и Црна Гора, објасни вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ.

Според него, уставните измени се можни и остварливи, само прашање е дали ќе успеат оваа година. Иако, како што рече, времето покажало дека што повеќе ги одлагаме обврските тие стануваат потешки и проблемите стануваат поголеми.

- Мислам дека нам ни одговара што поскоро ова да го завршиме затоа што тоа ќе ни ја отвори вратата, дури и без да ја прашаме Бугарија. Така пишува во заклучоците. Автоматски се свикува втората меѓувладина конференција и веќе влегуваме во сосема друго ниво на односи со Европската Унија, вели Маричиќ.

Во интервјуто спроведено од Институтот за медиуми и аналитика, ИМА Скопје, за целите на проектот „Преку деполаризација до демократски, стабилни, вклучувачки институции: придонес на граѓанското општество“, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Маричиќ зборуваше и за Патоказите и за реформата во јавната администрација, кои првпат се дел од скрининг за пристапување кон Европската Унија.

Тој соопшти дека пред неколку дена ја добил табелата, односно примерокот како треба да изгледа Патоказот за владеењето на правото и дека во наредниот период, најпрво преку претставници на институциите, но и експерти, ќе треба да се направи листата на задачи, која треба да се спроведе до членството во Европската Унија.

- Откако ние ќе изработиме определена, да речам верзија, на Патоказот, ќе го почекаме извештајот на Европската комисија, скрининг извештајот за првиот кластер. Во тој скрининг извештај за првиот кластер ќе се содржат и забелешките или задачите за овој патоказ. Ќе треба да видиме дали ние сме ја завршиле работата и да споредиме. Дали треба нешто да се додаде или одземе, и кога ќе го завршиме тој процес, ќе бидат тие документи подготвени за формално усвојување од страна на Советот на министри на Европската Унија. Кога тие ќе бидат усвоени, и во овој, и другите два патокази, практично ние ќе ги исполниме условите за отворање на првиот кластер, објасни вицепремиерот Маричиќ.

Тој за Реформата на јавната администрација рече дека ќе биде една од најисцрпувачките теми за нашиот систем, генерално, и за граѓанското општество, и за политичарите, и за институциите.

- Реформата на јавната администрација е нешто за што се зборува 30 години. Она што треба да го одговориме низ тој Патоказот е како да се задржат добрите работници и квалитетните кадри во јавната администрација од една страна, а како на оние што се непрофесионални, неквалитетни, и го рушат имиџот на целата јавна управа, да им се најде начин да бидат отстранети од тој систем, вели Маричиќ.

Тој посочи дека бараат начин како да ги задржат квалитетните кадри, луѓето коишто работат во преговорите со ЕУ да ги мотивираат да останат, а други да привлечат и да се обучат.

- Многу е тешко да се задржат оние луѓе коишто работат на ИПА проектите и што ги имплементираат, повиците, тендерите, но и спроведувањето на тие проекти. Многу е тешко да се задржат кадрите коишто работат во делот на финансии, јавни набавки, бидејќи се многу специјализирани, ги знаат тие процедури и се многу барани. Ревизори, исто така, тешко се наоѓаат. Програмери, луѓе што работат во ИТ индустријата, што треба да го одржуваат ИТ системот на државата, многу тешко се наоѓаат, истакна Маричиќ.

Маричиќ кажа и дека предизвик ќе биде и Патоказот за функционирање на демократски институции, особено во функционирањето на Собранието.

- Знаеме дека имаме актуелни проблеми на таа тема. Сите оние блокади, бескрајни амандмани, бескрајно одолговлекување, закони коишто стојат и по две години во собранието. Тие прашања ќе се дискутираат. Жан Моне дијалогот во Собранието, како да се воспостави една средина којашто нема да биде поларизирана до таа точка, да не функционира собранието заради тоа, потенцираше Маричиќ.

Тој додаде дека и прашањето на изборите, Изборниот законик, исто така, се дел од функционирање на демократските институции и прашањата поврзани со препораките на ОБСЕ/ОДИХР за слободни избори, но и изборен модел доколку се оцени дека таа тема треба да се отвори. Потоа, Народен правобранител, и сите оние институции коишто ги штитат правата на граѓаните и помагаат за функционалност, антидискриминација, и помагаат за функционалност на демократијата. ир/сп/

Фото: СЕП

Остани поврзан