• понеделник, 23 декември 2024

Маричиќ: Сегашната законска рамка дава простор да се испитува потеклото на имот

Маричиќ: Сегашната законска рамка дава простор да се испитува потеклото на имот
Скопје, 24 јануари 2021 (МИА) - Треба да се направи сериозна анализа на законската рамка и на праксата за да може да се дојде до заклучок дали има потреба од промена на Законот за спречување корупција и дали има потреба од нов закон, смета министерот за правда Бојан Маричиќ во однос на утврдувањето на потеклото на имот на функционерите. - Мислам дека сегашната законска рамка дава простор да се испитува потеклото на имот. Има одредба во Законот за спречување корупција според која постои можност таму каде што има основано сомнение дека имотот на лицето, кое е должно да поднесе изјава за состојба на имотот, доколку е несразмерно со неговите примања, ДКСК да поднесе иницијатива за испитување на потеклото на имотот и доколку тој имот или тие приходи кои се оданочени не одговараат на пријавената или согледаната состојба,  против лицето или против функционерот да се покрене кривична пријава пред надлежното јавно обвинителство, рече Маричиќ во емисијата „25 минути“ на Телевизија 24. Досега немало ваква истрага, а објаснувањето на Антикорупциската комисија, рече тој, секогаш било дека оние функционери кои, евентуално, прават корупција се доволно мудри да не го пријавуваат имотот или да не го зголемуваат формално во времето додека се функционери, туку да го прават тоа по завршување на нивниот мандат, кога веќе ДКСК нема надлежност за тој функционер. - Во новиот закон кој беше донесен пред извесно време се овозможува до десет години за поранешните функционери да бида достапна ажурирана верзија. Тоа не е случај сега, но тоа е релативно нов закон и затоа не се однесува на оние функционери кои не се функционери три-четири години, рече министерот за правда. Управата за јавни приходи има редовно увид во сите примања, додаде Маричиќ, УЈП има посебна постапка за утврдување на даконот и по таа основа има јасен увид кој каков имот добива и како е тоа оданочено. Во однос на примањата на владините функционри кои на веб-страницата на Владата беа објавени пред неколку дена, Маричиќ посочи дека тие се законски определени, по коефициент утврден во Законот. Се согласува дека треба да бидат објавени и на сите други функционери кои се платени од државниот буџет. - Ако сме почнале од Владата,  би требало да продолжи за сите. Тоа треба да биде иницијатива на ДКСК, а јас би ја поддржал, рече министерот за правда, додавајќи дека во однос на транспарентноста по ова прашање има огромен напредок во последните три години. хс/ев/

Остани поврзан