• петок, 27 декември 2024

Маричиќ: Очекуваме одобрување на нови проекти во енергетиката со вкупна вредност од 61,9 милиони евра

Маричиќ: Очекуваме одобрување на нови проекти во енергетиката со вкупна вредност од 61,9 милиони евра

Скопје, 5 март 2023 (МИА) - Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ по повод Денот на енергетска ефикасност, 5-ти март на својот Фејсбук профил објави дека Секретаријатот за европски прашања на последниот повик во рамки на Инвестициската рамка за Западен Балкан аплицирал два проекти од областа на енергетиката.

Како што информираат од СЕП, станува збор за инвестиции за енергетска ефикасност во објекти во сопственост на Владата на Република Северна Македонија. Грантот е во износ од 2.5 милиони за интервенирање и зголемување на енергетска ефикасност на 18 здравствени објекти, а вкупна инвестиција е 27,5 милиони евра.

Вториот проект, како што најавува вицепремиерот Маричиќ е со цел зајакнување на мрежата за дистрибуција на струја во југоисточниот дел на државата. Грантот од околу 8 милиони евра ќе овозможи приклучок на мрежата за струја произведена од обновливи извори на енергија од хидроцентрали, соларни централи, ветерници и со тоа се зголеми независноста на земјата за производство на сопствена струја. Вкупната инвестиција е 34,4 милиони евра.

- Покрај директната финансиска помош од ЕУ во износ од 80 милиони евра, Северна Македонија од Унијата добива и постојана поддршка во изградбата капацитети за искористување на обновливите извори енергија. Таков е примерот со најновата поддршка која ја добивме во февруари оваа година за реновирање на шест хидроелектрани низ државата и за нови ветерници кај Богданци, вели вицепремиерот Маричиќ.

Вицепремиерот вели дека Владата предводена од СДСМ инвестира во сигурна енергетска иднина, но дека потребна е и енергетска одговорност од секој од нас за енергетска ефикасност, наведувајќи ги македонските ветрови, водите, сонцето и граѓаните како основа за тоа.

- Сите домаќинства, сите институции, сите компании, сите ние можеме да ги обезбедиме условите за добар живот и за сè што е потребно за деловен развој и со доста помала потрошувачка на енергија. Енергетската ефикасност штеди енергија, но суштината е подлабока бидејќи крајниот исход е заштитена животна средина, заштедени финансии и свесни и одговорни генерации, порача Маричиќ за Денот на енергетска ефикасност, 5 март. дма/сст/

Фото:СЕП

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан