• недела, 22 декември 2024

Маричиќ: Европската иднина е единствена опција за просперитетот на нашата држава 

Маричиќ: Европската иднина е единствена опција за просперитетот на нашата држава 

Брисел, 13 февруари 2024 (МИА) - Понатамошните чекори на европскиот пат на земјата, вклучително и спроведувањето на реформите, како и Планот за раст на Западниот Балкан, беа главни теми на денешните средби на првиот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ со Сајмон Мордју, советник за надворешна политика на претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел, како и со заменикот на генералната директорка за Западен Балкан во Европската служба за надворешна политика (ЕЕАС), Марко Маковец. 

На средбите, Маричиќ го нагласи значењето на поддршката од европските институции во преговарачкиот процес, истакнувајќи ја силната посветеност за унапредување на државата кон ЕУ.

- Наша цел е остварување на стратешката цел, посветеноста на Владата е фокусирана на европската агенда како единствена опција за иднината на нашата земја, изјави Маричиќ. 

На состаноците се дискутираше за понатамошните чекори на патот кон членство во ЕУ, сеопфатните реформи коишто се во тек во Северна Македонија, особено во областите како што се владеење на правото, демократските институции и јавната администрација, како и за патоказите кои се основа за отворање на Кластерот - Темели. 

Во разговорите беше потврдено дека Европската Комисија има јасна визија за проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан и таа цел е високо на агендата на ЕУ, а наша задача е да продолжиме да го трасираме европскиот пат преку реализација на реформите, донесување на уставните измени и промоција на демократските вредности. При тоа беше изразена и јасна поддршка за постигнатите резултати и успешно завршените задачи на земјава на патот кон евроинтеграцијата. 

Претходно денеска, вицепремиерот Маричиќ се сретна и со белгиската министерка за надворешни работи, европски прашања и надворешна трговија Хаџа Лабиб, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ и со генералниот директор на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Унијата (ГД НЕАР), Герт Јан Копман, а заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи го придружуваа претседателот на техничката Влада, Талат Џафери на средба со заменикот генерален секретар на НАТО, Мирчеа Џоана во седиштето на Алијансата во Брисел. сп/бак/

Фото: СЕП

Остани поврзан