• понеделник, 23 декември 2024

Маричиќ - Грлиќ Радман: Ќе биде штета ЕУ да не ја искористи оваа историска шанса за старт на преговорите

Маричиќ - Грлиќ Радман: Ќе биде штета ЕУ да не ја искористи оваа историска шанса за старт на преговорите
Скопје, 15 јуни 2022 (МИА) - Од интерес е и на ЕУ отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија, со што ќе се даде поттик и на другите земји од Западен Балкан да останат фокусирани на европските реформи за постигнување на демократските стандарди и затоа штета ќе биде ЕУ да не ја искористи оваа историска шанса, изјави денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на средба во Скопје со хрватскиот министер за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман. Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, вицепремиерот Маричиќ и министерот Радман разговараа за актуелните политички случувања и иднината на регионот и потврдија дека секое одолговлекување на интеграцијата на регионот во ЕУ отвора можност Западен Балкан да се насочи во друг правец. - За нас е клучно што сме видливи од страна на ЕУ во спроведувањето на реформската агенда и што продолжуваме да управуваме со процесите, рече Маричиќ на средбата. Притоа, вицепремиерот Маричиќ истакна дека европските реформи и имплементацијата на европските стандарди во земјава продолжува со цел да им се овозможи подобар живот на граѓаните. Маричиќ му се заблагодари на Радман што Хрватска покажува европско лидерство и што дава целосна поддршка за напредок во проширувањето на ЕУ и на нашите евроинтеграции. - Хрватска е наш искрен пријател и партнер со кој имаме традиционално добра соработка,која уште повеќе ќе ја зајакнеме во процесот на преговарање, бидејќи хрватското искуство за нас ќе биде од голема корист, истакна Маричиќ. На средбата соговорниците разговараа и за отворање нови можности за зајакнување на соработката во спроведувањето на европските програми, како и Интеррег програмата за транснационална соработка, кои се финансираат од ИПА фондовите на Европската Унија. сп/

Остани поврзан