• недела, 22 декември 2024

Маричиќ: Ако во Бугарија има луѓе кои се декларираат како Македонци, тоа е нивно право и никој неможе да им го ускрати

Маричиќ: Ако во Бугарија има луѓе кои се декларираат како Македонци, тоа е нивно право и никој неможе да им го ускрати
Скопје, 18 јануари 2022 (МИА) - Се обидов само да се држам во рамки на Уставот кој јасно ја утврдува  улогата на нашата држава во однос на заштитата на македонскиот народ и нашите државјани. Принципиелно, само го кажав тоа што стои во нашиот Устав и што е наша обврска, без никому да ускратам какво било право. Вака вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ ја објаснува неговата вчерашна изјава дека не е на Северна Македонија да кажува каде какво малцинство има во регионот зашто тоа е внатрешно прашање на земјите, вклучувајќи ја и Бугарија. Во интервју за телевизија Телма, Маричиќ нагласува дека за сите отворени прашања со Бугарија, вклучувајќи го и ова, за малцинствата, ќе се разговара. На прашањето дали има македонско малцинство во Бугарија, вицепремиерот одговори: „Ако таму има луѓе кои така се декларираат, како Македонци, тоа е нивно право и тоа никој неможе да им го ускрати. Нивниот статус во државата Бугарија зависи од уставното уредување на Бугарија и од правата коишто им ги дава таа држава“. Тој е дециден дека секој има право да се декларира како што мисли дека треба. -Нашиот Устав, со 36 амандман од 2019 година, јасно ги утврдува улогата на нашата држава во однос на заштита и на македонскиот народ, но исто така и на нашите државјани. Во тој член од Уставот е утврдено дека РСМ се грижи за правата и за културниот идентитет на македонскиот народ, но и исто така дека се грижи за своите државјани надвор од државата, потенцирам за државјаните кои се во државјанска врска со државата и дека се грижи исто така за деловите на сите други народи кои живеат во РСМ, а се наши државјани и за нивната врска со татковината. Тоа е наша обврска и тоа мора и треба да го правиме. Но, исто така, во истиот амандман, се потенцира дека Северна Македонија нема да се меша во внатрешните прашања на која било друга држава, ниту пак на државите од соседството. Тоа ми беше поентата да го кажам, притоа не негирајќи било што или било кого. Секој има право во Европа да се декларира како што која етничка припадност мисли дека ја има и тие свои права да ги остварува во рамките на државата каде што живее, објасни Маричиќ. Според него, затоа постојат и голем број конвенции, принципи, повелби и декларации кои ги заштитуваат малцинските права. -Не би сакал да го коментирам Петков. Можам само да кажам дека за сите отворени прашања ќе разговараме во текот на овој процес што го отворивме денес со неговата посета и ќе имаме можност и на ова да се осврнеме. Принципиелно, само го кажав тоа што стои во нашиот Устав и што е наша обврска, без никому да ускратам било какво право. Напротив, мислам дека секој има право да се декларира како што мисли дека треба, а отвореното прашање, кое било отворено прашање, вклучувајќи го и ова, ќе имаме прилика да го разговараме. Прашањата што се отворени меѓу нас и Бугарија се повеќе, не е само едно. Не би било добро поединечно сите прашања да ги коментираме и решаваме. Затоа е толку обемна и структурата што ќе работи на овие отворени прашања: економија, транспорт, историја, европски интеграции, образование и култура. Сите или голем број од прашањата ќе се решаваат во еден погоелм пакет. Во таа смисла, секако дека ќе се осврнеме и на ова прашање, истакна Маричиќ. мч/цр

Остани поврзан