• понеделник, 23 декември 2024

Мариновски: Околу 300 таксисти не можат да работат поради бирократски проблеми со жолтите таблички

Мариновски: Околу 300 таксисти не можат да работат поради бирократски проблеми со жолтите таблички

Скопје, 2 март 2023 (МИА) - Околу 200 такси возила и повеќе од 300 такси возачи во главниот град не можат да работат поради бирократски проблеми со жолтите таблички кои тие мораат да го постават во своите возила. Таксистите велат дека не можат да добијат лиценца без жолти таблички, но и дека без лиценца не можат да ги добијат таквите таблички. Поради тоа бараат да се постави во мирување новиот Закон за патен сообраќај, за да можат во одреден период да добијат лиценци со белите таблички, за потоа да можат да си ги добијат и жолтите.

- Имаме проблем со издавање на жолтите таблички со тоа што голем дел од колегите седат по неколку месеци дома и не можат да добијат жолти таблички. Проблемот е што кога ќе го сменат нивното возило, одат во станица за технички преглед, таму не им даваат жолти таблички, викаат треба да имаат мал извод од лиценца, а за да го добијат тоа се препраќаат во Градско собрание, додека таму им викаат дека треба да добијат жолти таблички. Значи се препраќаат од една страна на друга, а проблемот не се решава, изјави Ѓорги Мариновски, опренесувајќи го ставот на 19 такси компании.

Тој вели дека околу 200 такси возила моментно се паркирани дома и не можат да работат поради тоа што не можат добијат лиценца, а во меѓувреме плаќаат придонеси за фирмата. Ако не може да се реши проблемот, како што рече, бараат новиот Закон за патен сообраќај да се стави во мирување и додека се промени таксистите да можат да добијат лиценца на белите таблички, па после тоа да се сменат и да извадат лиценца за жолти таблички.

- Законот е донесен во Министерство за економија и тие треба да го разгледаат но како што разбравме треба најмалку три месеци тој закон да се смени. Затоа ги замолуваме институциите тој проблем да го стават во мирување, луѓето да можат да извадат лиценци на бели таблици, па кога ќе се усогласи законот ќе ги префрлат на жолти таблици за да можат луѓето да се вратат на работа, затоа што тие веќе неколку месеци седат дома. Мислам дека тоа е најдобро решение, рече Мариновски.

Фаик Сулејмани, претставник од една од 19. такси компании вели дека од неговата компанија регуларно ги зеле табличките. Според него, пред една година не им бил баран мал извод на лиценцата и тие тоа го зеле од АМСМ, но кога треба да ги регистрираат возилата биле принудени да дадат изјави. Во спротивно, посочи, не им ги регистрираат возилата и затоа многу возачи не можат да работат околу три месеци.

Таксистите исто така се жалат и на процедурите за технички преглед и како што велат, „високите казни за мали дефекти коишто не соодвестуваат со нивните примања“, а тоа пак, ги принудува возачите да се откажат од работата. Тие бараат промена и на  тие законски одредби  од страна на Министерството за внатрешни работи со адекватно решение за сите. сх/лв/

ФОТО: МИА

Остани поврзан