• четврток, 26 март 2026

МАПАС во Градски парк по повод Денот за пензиска свесност: Информирање, забава и награди за присутните

МАПАС во Градски парк по повод Денот за пензиска свесност: Информирање, забава и награди за присутните

Скопје, 12 септември 2025

Во рамки на одбележувањето на Денот за пензиска свесност – 15 септември, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС, на 14 септември (недела) од 11:00 до 13:30 часот, во вториот дел на Градски парк (спроти паркот за кучиња), ќе одржи настан на кој сите граѓани ќе имаат можност да се информираат за своите права во пензискиот систем, како и да се забавуваат и да освојат награди.

„Од исклучителна важност е сите граѓани да имаат точни информации за функционирањето на пензискиот систем, како и за нивните права и можности во истиот. Токму затоа ги повикуваме сите да се приклучат на овој настан, да им ги разјасниме сите недумици и заедно, во убава, неформална атмосфера, да се дружиме“, повикаа од МАПАС.

Посетителите ќе имаат можност да остварат директна комуникација со претставниците на МАПАС и пензиските друштва и при тоа да поставуваат прашања на кои ќе добијат стручни одговори.

Програмата ќе биде збогатена со музика, забавни активности, креативна игра за најмладите, како и квиз на знаење на кој ќе бидат доделени над 180 награди.

Со оваа активност, МАПАС ја нагласува важноста граѓаните да бидат активни учесници во пензискиот систем, да ја следат својата пензиска состојба и навремено да планираат сигурна иднина.

„За нас е исклучиво важно граѓаните навремено да го планираат своето пензионирање и да бидат информирани за пензискиот систем, бидејќи секој граѓанин заслужува сигурна и стабилна иднина“, заклучија од МАПАС.

Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС

Остани поврзан