• недела, 22 декември 2024

Мансур: Палестинската управа овој месец очекува гласање за прием во ОН

Мансур: Палестинската управа овој месец очекува гласање за прием во ОН

Њујорк, 2 април 2024 (МИА) -Палестинската управа (ПА) посакува Советот за безбедност на Обединетите нации во текот на овој месец да гласа за приемот на Палестина во ова тело, изјави палестинскиот претставник на ОН, Ријад Мансур.

Мансур, кој има статус на постојан набљудувач во ОН, за британските медиуми изјави дека нивна цел е Советот за безбедност на ОН на 18 април да одлучи за приемот на Палестина, за време на министерскиот состанок за Блискиот Исток.

Мансур додаде дека гласањето допрва треба да биде ставено на дневен ред.

Тој потсети дека палестинската апликација за полноправно членство од 2011 година е сè уште актуелна, бидејќи 15-члениот Совет за безбедност на ОН никогаш не донел формална одлука за гласање.

Апликацијата за полноправно членство мора да биде одобрена од Советот за безбедност на ОН, каде пет земји имаат право на вето, а приемот на една земја во ОН треба да биде одобрен од две третини од 193-те земји-членки на Генералното собрание.

Прашањето за признавање на палестинската држава повторно стана актуелно по разорната војна што Израел ја води во Газа од 7 октомври минатата година, при што загинаа речиси 33.000 Палестинци, од кои повеќето жени и деца.

Минатиот месец Шпанија објави дека се договорила со Малта, Ирска и Словенија да ги преземе првите чекори кон признавање на палестинската државност во окупираниот Западен Брег и Појасот Газа, што го налути Израел.

Од 1998 година досега 139 од вкупно 193 земји-членки на ОН ја признаа палестинската државност.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан