• сабота, 21 декември 2024

Манолева: Дополнителната заменик министерка за финансии го блокира вработувањето на 1.117 лица во јавното здравство

Манолева: Дополнителната заменик министерка за финансии го блокира вработувањето на 1.117 лица во јавното здравство

Скопје, 12 февруари 2024 (МИА) - Упатувам сериозна загриженост поради неодговорното однесување на дополнителната заменик министерка за финансии од ВМРО-ДПМНЕ,  Елена Петрова, која го блокира процесот на вработување на 1.117 лица во јавното здравство, изјави денеска на прес - конференција заменик министерката за здравство во техничката Влада, Маја Манолева. 

Таа нагласи дека ова не само што е неодговорно, туку е и опасно за нашето здравство, за граѓаните и за вработените во здравствениот систем. 

- Да потсетам, Владата обезбеди решение за статусот на најголем дел од вработените во здравството со договор на дело и на неопределено време. Со одлука на Владата, вработувањата на 1.117 лица во здравството се обезбедени. Но, овие вработувања се блокирани од страна на дополнителната заменик министерка за финансии, Елена Петрова, само неколку дена пред изборите, без посебна причина, без тронка одговорност кон вработените во здравствените установи и без тронка грижа кон пациентите на кои им е потребна професионална грижа и нега. Ова не може да се дозволи, подвлече Манолева. 

Таа нагласи дека никој, посебно не функционери во извршната власт, не смеат да играат со судбината на 1.117 млади здравствени работници и да претставуваат главна пречка во работата на здравствените установи. 

- Нашите доктори и здравствени работници се една од најголемите вредности во нашата држава. Тие ги заштитуваат нашите животи, го подигнуваат квалитетот на здравство и се борат за нашата здравствена состојба. Ние не можеме и не смееме да дозволиме ваквите политички игри да ја стават под ризик работата на здравствените работници, истакна Манолева. 

Таа додаде дека младите доктори и македонското здравство не се тема за политика,  тие се претставници на здравјето на граѓаните и мора да бидат заштитени и потпомогнати во секој аспект, без разлика на политичките збиднувања во државата. 

Манолева рече дека ваков тип на блокади досега немало и не смее ова да стане политичка пракса, затоа што унапредувањето на здравствениот систем во земјава не смее да зависи од несовесното однесување на поединци. Нашите доктори, истакна таа,  докажаа дека тука можат да изведуваат софистицирани интервенции, од најсложени операции до трансплантации коишто во минатото ги немало. 

Затоа, рече Манолева, сите оние млади доктори и други здравствени работници коишто работат во моментов под договор треба да го продолжат своето работење во јавните здравствени установи и да го надополнуваат својот, меѓутоа и здравствениот капацитет на државата. Покрај овие 1.117 лица, од јавно-здравствените установи, информираше таа,  веќе е побарано до Министерството за финансии да одобри дополнителни вработувања на неопределено време, со што би се искористил потенцијалот за вработување на нови здравствени работници (доктори, медицински сестри...) и помошно технички персонал.

- Овие вработување се и една од мерките како да се задржи младиот и стручниот кадар во Северна Македонија. Затоа, јавно барам од дополнителната заменик министерка за финансии веднаш да го одблокира процесот и да ги потпише документите, истакна Манолева. 

Таа додаде дека овие лица се клучни за напредокот на нашето здравство, особено со големиот број на универзитетски кадри и големи општи болници и здравствени домови. 

- За овие работи мора да бидеме совесни, да го ставиме здравјето на граѓаните пред сè друго, мораме да ги заштитиме нашите доктори, здравствени работници и пациенти, без притоа да дозволиме да бидат дел од политичките игри што носат штета за општото добро на сите граѓани во Република Северна Македонија, подвлече Манолева. бд/дма/


Фото: МИА 

Остани поврзан