• недела, 22 декември 2024

Макрон до Нетанјаху: Секое принудно префрлање на населението е воено злосторство

Макрон до Нетанјаху: Секое принудно префрлање на населението е воено злосторство

Париз, 24 март 2024 (МИА) - Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху уште еднаш го изрази своето противење на израелската офанзива на Рафа и предупреди дека „присилното преместување на населението би претставувало воено злосторство“.

Како што е наведено, за време на разговорот, Макрон ја повтори потребата од „итен и траен прекин на огнот“ во Појасот Газа и ги осуди неодамнешните најави на израелските власти за колонизација.

Во петокот Израел објави заплена на 800 хектари земја на окупираниот Западен Брег со цел да се изградат нови населби.

Макрон го информирал Нетанјаху за неговата намера да поднесе нацрт-резолуција до Советот за безбедност на ОН со која се повикува на „итен и траен прекин на огнот“.

Москва и Пекинг се спротивставија на сличен предлог за резолуција од Вашингтон во петокот, нарекувајќи го текстот „лицемерен“.

Францускиот претседател инсистираше Израел „да ги отвори сите постоечки копнени премини кон Појасот Газа без одлагање и без услови“.

Војната избувна на 7 октомври по нападот на палестинското движење Хамас на израелска територија. паг/

Фото: ЕПА



 

 

Остани поврзан