• петок, 22 ноември 2024

Макрадули најави нов увид на еколошките инспектори во кочанската фабрика „Пејпер Мил“

Макрадули најави нов увид на еколошките инспектори во кочанската фабрика „Пејпер Мил“

Штип, 22 јуни 2020 (МИА) - Направен е увид од страна на инспекторатот и се даваат постојано задачи на кочанската фабрика „Пејпер Мил“ со цел да не загадува, односно преку фабричкиот оџак да не излегува црн чад, за кој реагираат граѓаните и здруженијата, истакна заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули при денешната посета во Свети Николе.

-Таа фабрика на наша иницијатива, на наш притисок постави електростатски филтри во рамките на компанијата. За жал, очигледно има моменти од денот кога се врши злоупотреба и еве инспекторите повторно ќе направат инспекциски надзор. Тоа е една од најчесто посетуваните компании во зејава од страна на инспекторите, рече Макрадули.

Забележа дека компаниите мора да сфатат дека заштита на здравјето на граѓаните и на животната средина се први приоритети, а фабриката „Пејпер Мил“ мора да го прилагоди своето работење на еколошките стандарди.

Прашан ќе има ли казни за оваа компанија, Макрадули одговори дека и минатиот пат имало казна, а тоа е кога била затворена се додека не ги инсталирала филтрите.

-По мојата посета тогаш се даде задача да постават филтри, се поставија филтри, се работеше коректно одреден период, но очигледно нешто во системот, во процесот се случува, кое тие не можат да го контролираат. Но, мора да се најде решение бидејќи здравјето на граѓаните е најбитно, додаде Макрадули.

На прашање до каде е постапката за изградба на првата современа фабрика за отпад во земјава, која ќе се гради кај Светиниколското село Мечкуевци и набавката на камионите и специјалните контејнери за отпад, кои треба да ги добијат 18 општини од источниот и североисточниот регион, Макрадули рече дека добавувачите на камионите заради пандемијата побарале дополнителни 30 дена за испорака.

-Завршен е изборот на компанијата која ќе ги затвора дивите депонии. Во процес сме на изборот на надзорот, кој тоа ќе го прави. Кога ќе се заврши изборот на надзорот, тоа и ќе продолжи. За жал делот за контејнерите ќе се повтори, но возилата по 30 дена ќе бидат распределени по општините. Тоа е еден процес којшто тече, додаде тој.

Истакна дека и проектот за изградба на пат до фабриката за отпад до Светиниколското село Мечкуевци е изготвен од страна на ЈП за државни патишта, а ќе се реализира во текот на годината. Новиот пат ќе се прави на инсистирање на градоначалникот на Општина Свети Николе, со цел камионите со отпад од сите општините од источниот регион да не влегуваат и транзитираат низ градот Свети Николе. вдј/бт/

Остани поврзан