Македонците од Германија ќе стипендираат студенти, формирана фондацијата за култура и наука „Вечна“
- Водени од намерата за унапредување и заштита на културното наследство, промовирање на историската вистина и усовршувањето на нови стручни кадри од областа на историјата, фондацијата има формирано три фондови преку кои ќе се финансираат магистранди и докторанди, како и различни културни иницијативи.
Скопје, 16 мај 2025 (МИА) - Стипендирање на студенти, историчари, културни работници и истражувачи, вчеравечер во Скопје најави новата Глобална македонска фондација „Вечна“. Основачи на фондацијата се тетовското семејство Крстески кое со децении живее и работи во Германија, а кое со група на истакнати Македонци тука и во светот, универзитетски професори, лекари, доктори на науки, ќе ја помагаат мисијата на фондацијата за промовирање на културата и науката.
Водени од намерата за унапредување и заштита на културното наследство, промовирање на историската вистина и усовршувањето на нови стручни кадри од областа на историјата, фондацијата има формирано три фондови преку кои ќе се финансираат магистранди и докторанди, како и различни културни иницијативи. Во пополнувањето на фондовите може да се приклучи секој заинтересиран, преку соодветна донација.
-Првиот фонд се однесува на поддршка на визијата на нашата фондација. Вашата донација помага да се одржи Фондацијата и нејзините долгорочни иницијативи. Со вашата поддршка, можеме да продолжиме да го промовираме македонското наследство, да финансираме клучни проекти и да го прошириме нашето глобално влијание. Вториот фонд е фонд за млади истражувачи од повеќе области, каде целта е поставена на 15.000 евра. Третиот фонд пак, е истражувачки фонд за историски истражувања. На веб страницата на Фондацијата www.gmfe.org лесно достапни се начините за донирање, истакна претседателот на фондацијата Мирчо Крстески.

На промоцијата се обратија доц. д-р Бранислав Светозаревиќ, историчар, проф. д-р Љубомир Кекеновски, професор од Економскиот факултет на УКИМ, д-р Мимоза Рајл, професорка и советничка на претседателот на Владата, основачот Ацо Крстески, како и извршниот директор м-р Марко Видачек кој беше модератор на настанот.
-Оваа фондација во својот назив го носи и македонското и глобалното, затоа што културата нема граници, а македонското е онаму каде што се неговите говорници, но и неговите спомени и сеќавања. Фондацијата ја основаме под слоганот „Корени и иднина“, со намера да го зачуваме и афирмираме исконското помеѓу нас, традицијата, културата, јазикот, идентитет. За да го заштитиме нашето наследство, мора да инвестираме во иднината, беше порачано на промоцијата.
Фондацијата има формирано и програмски совет во кој влегуваат истакнати Македонци низ светот: проф. д-р Сања Лазарова Молнар (Германија), д-р Владимир Попоски (Шпанија), д-р Предраг Николовски (Италија), како проф. д-р Ленина Жила и проф. Перо Сарџоски како резидентни членови.ас/
Фото: МИА и фондација Вечна