• понеделник, 23 декември 2024

Македонски компании од прехранбената индустрија на Б2Б средби во Полска

Македонски компании од прехранбената индустрија на Б2Б средби во Полска
Скопје, 29 јуни 2022 (МИА) - Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот со поддршка на економскиот советник за Полска, амбасадорот Илија Псалтиров, во соработка со стопанските комори од земјата и Македонската асоцијација на преработувачи МАП, Агенцијата за инвестиции и трговија од Полска и Полско-балканската трговска комора вчера организираше Македонско-полски Б2Б настан во Варшава, Полска. Како што информира Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, на отварањето на настанот се обрати директорот на Агенцијата Беким Емини со покана до полските бизнисмени да ја посетат нашата држава и одблиску да се запознаат со инвестицискиот и извозниот потенцијал на Северна Македонија. - Промоцијата на производите од прехранбената индустрија со поддршка на Агенцијата има за цел да обезбеди поддршка за домашните извозни компании за пласман на производите на странските пазари,  како и продлабочување на соработката меѓу компаниите од двете земји со крајна цел зголемување на трговската размена меѓу двете земји, истакна директорот на Агенцијата, Емини. На настанот присуствуваа полски компании кои работат со увоз и дистрибуција на прехранбени производи за поголемите ланци на супермаркети и кои имаат интерес за соработка со македонски компании.

Во рамки на Б2Б средбите беше организиран и мини саем за дегустација на македонски производи - пијалоци, вино и храна, како и networking настан каде македонските производители од прехранбената индустрија имаа можност на сопствени штандови да ги презентираат своите производи пред потенцијалните купувачи од Полска и да остварат директни средби со нив.

Вкупно 12 домашни производители со свои производи се вклучија во дегустацијата, меѓу кои и три винарии „Имако“, „Бовин“ и „Далвина“, три кондиторски компании „Витаминка“, „Мекробин“ и „КИМ“, шест производители на ајвар и останати преработки од овошје и зеленчук Техноалат Комерц, Алтера Фуд, Ларс, Бест Фуд, Хортена и Вори.

- Како резултат од средбите меѓу компаниите од двете земји беше склучувањето договор за извоз на вино од винаријата „Далвина“, а се очекува во периодот што следи склучување договори и со останатите компании присутни на настанот, се наведува во соопштението од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот. мд/са/

Остани поврзан