• петок, 05 декември 2025

Македонските одбојкари го совладаа Б тимот на Бугарија

Македонските одбојкари го совладаа Б тимот на Бугарија

 

Софија, 29 јули 2025 (МИА) – Македонската машка одбојкарска репрезентација победи со 3:0 (26:24, 25:23, 25:16) против Б селекцијата на Бугарија на првиот пријателски натпревар во Софија, во рамки на подготовките за европските квалификации на почетокот на следниот месец.

Натпреварот во салата „Левски“ се одигра зад затворени врати, а во договор меѓу селекторите беше одигран и дополнителен четврти сет, кој исто така ѝ припадна на Македонија со 25:22.

Селекторот Јошко Миленкоски им даде шанса на сите репрезентативци кои ги имаше на располагање. Македонија одигра дисциплинирано во полето и првата проверка на силата покажа дека екипата е на одличен пат по десетдневното темпирање на формата во Маврово.

Капитенот Никола Ѓоргиев со 17 поени беше лидер на тимот, следен од Филип Савовски со 11 поени и Александар Љафтов со 10, додека Владо Милев, Филип Маџунков и Стојан Илиев имаа по седум поени.

Вториот контролен натпревар Македонија и Б тимот на Бугарија го играат утре напладне во салата „Левски“ во Софија. ег

ФОТО: ОФМ

Остани поврзан