Македонските извидници на тридневен годишен камп во околината на Прилеп
- Прилепскиот извиднички одред „Феникс“ е домаќин на преку 150 извидници од 6 до 16 години од цела држава. Овој викенд во околината на Прилеп, кај селото Штавица, се одржува годишниот извиднички камп. Македонските извидници се дружат, учат да кампуваат, да се снајдат во природа, но и да ја заштитат и да ги научат начините на ориентација, преживување, социјалните вештини и формирањето на здрава личност. Извидниците умеат корисно и сигурно да ја применат и новата технологија.
Прилеп, 6 мај 2023 (МИА) - Прилепскиот извиднички одред „Феникс“ е домаќин на преку 150 извидници од 6 до 16 години од цела држава. Овој викенд во околината на Прилеп, кај селото Штавица, се одржува годишниот извиднички камп. Македонските извидници се дружат, учат да кампуваат, да се снајдат во природа, но и да ја заштитат и да ги научат начините на ориентација, преживување, социјалните вештини и формирањето на здрава личност. Извидниците умеат корисно и сигурно да ја применат и новата технологија.
- Целта е да ги научиме децата правилно да престојуваат во природа, да го постават живеалиштето, како да запалат огниште, да ги научиме на основите на ориентацијата и топографијата, а имаме и други едукативни активности. И, секако, да се забавуваат и да се дружат со другарчињата од другите градови. Има заинтересираност, иако е тука новата технологија. Свесни сме за сето тоа што го носи модерната технологија. Се трудиме да ја модернизираме нашата програма за да биде атрактивна за младите. Вклучуваме дигитализација на контролните точки и активности да се користи Интернетот на правилен начин за да бидат безбедни на Интернет, вели Ана Плетварец од извидничкиот одред „Феникс“ од Прилеп.
Изидништвото значи психофизички развој на младата личност која учи да прави добри дела.
-Извидништвото, прво, го избираме поради нашиот личен развој, физички, психички и интелектуален. Учиме во и од природата и имаме слобода да ги искористиме сите ресурси што ни ги нуди нашето природно богатство. Извидништвото е добро зашто поттикнува на добри дела и развој на целото општество. Имаме тест за општо извидништво, тест за општа култура, за прва помош, да се пронајде минско поле, игри од забавен карактер. Тоа се оценува и ќе се изберат најдобрите кои ќе бидат наградени, вели Марија Мирчевска, старешина на акција.
Прилепскиот извиднички одред „Феникс“ петта година е домаќин на годишниот извиднички камп. Во државата има 24 извиднички одреди со преку 2 500 извидници. ем/мс/
фото: МИА