• недела, 22 декември 2024

Македонскиот писател Александар Прокопиев учествуваше на „Ноќта на европската литература“  во Софија

Македонскиот писател Александар Прокопиев учествуваше на „Ноќта на европската литература“  во Софија
Софија, 7 септември 2022 (МИА) - Веќе 11-та година во Софија се одржува „Ноќ на европската литература“ со која културната јавност се запознава со прозата и поезијата од Северна Македонија, Австрија, Белгија, Велика Британија, Германија, Шпанија, Италија, Полска, Шведска, Норвешка, Украина и Чешка, јави дописникот на МИА од Софија. Меѓу гостите имаше писатели, интелектуалци и млади луѓе, но и дипломати. Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Бугарија учествуваше на „Уметничка лабораторија“ со презентација на познатиот македонски писател Александар Прокопиев, кој ја претстави својата преведена книга на бугарски јазик „Човек во стаклено шише“ во издание на издавачката куќа на Пламен Тотев „Книги за секого". На секои половина час се менуваа гостите, на кои им беа претставени делови од книгата на авторот. Пркопиев во Софија изјави дека е среќен што учествува на вакви културни настани кои ги зближуваат двете општества и нивните народи. - „Европската ноќ на литературата“ е многу убав културен настан, бидејќи постојано доаѓаат нови луѓе и читатели и се интересираат, слушаат, а јас сум единствениот што разговарам со нив и ги набљудувам нивните реакции. Заедно со актерската презентација на текстови од книгата и староградски песни, создава пријатна читателска атмосфера, изјави Прокопиев. Додаде дека во Софија, но и во Скопје има млади луѓе кои читаат и тоа го радува. Прокопиев смета дека во последните 10 години ситуацијата се промени на подобро и сега кога се вели дека младите, без разлика дали се во Северна Македонија, Бугарија или на друго место, се опседнати со мобилните телефони и не се разделуваат со нив. Тој смета дека сега повторно кај нив се разбудила страста за читање и желбата за читање, бидејќи овие мобилни уреди не ги задоволуваат сите човечки потреби. Читањето, според македонскиот писател, нуди нешто подлабоко и поубаво, а пошироката јавност се враќа на литературните салони и презентациите на книги. Александар Прокопиев за МИА коментира дека многу добро се познава и соработува со познати бугарски писатели како Алек Попов, Георги Господинов и други, а сега откри и нова млада писателка, Елена Алексиева, која ќе дојде на презентација во Скопје. Прокопиев рече дека е толку близок и пријателски со нив што како да живеат на иста улица, без разлика дали се од Софија или од Загреб, Белград и Љубљана. - Културата може многу да помогне во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, вели  Прокопиев. -Политичарите, кои имаат важна улога во општествениот развој, не играат голема улога во премостувањето на културите. Главни во овие процеси се оние кои создаваат култура и вредности. За ова се многу важни книжевните вредности, а во Северна Македонија Алек Попов е многу популарен писател, како и Георги Господинов. Значењето на луѓето од уметноста е сериозното, длабоко постоење и преку уметноста и културата да се дојде до човечката душа и нејзината суштина, беше категоричен македонскиот писател Александар Прокопиев. В четврток, на 8 Септември во Центарот на Северна Македонија ќе биде претставено делото на македонскиот писател Александар Прокопиев. нк/мд/

Остани поврзан