Македонскиот КИЦ во Софија го одбележува 24 Мај со претставување на рециталот „Светопис за сесловените“
- По повод одбележувањето на Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј - 24 Мај, во Македонскиот културно-информативен центар во Софија утре вечер ќе биде претставен рециталот „Светопис за сесловените“ од проф. д-р Зоран Пејковски, посветен токму на светите браќа Кирил и Методиј.
Скопје, 23 мај 2025 (МИА) - По повод одбележувањето на Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј - 24 Мај, во Македонскиот културно-информативен центар во Софија утре вечер ќе биде претставен рециталот „Светопис за сесловените“ од проф. д-р Зоран Пејковски, посветен токму на светите браќа Кирил и Методиј.
Како што најавија од Македонски културно-информативен центар во Софија, поетскиот чин претставува длабок духовен и културен омаж на делото на првоучителите и писмотворци, кои со својата мисија го преобразија духовниот пејзаж на целиот словенски свет. Рециталот ја афирмира нивната жртва, визија и писменост, која не само што ја оформуваше азбуката, туку и го обликуваше идентитетот на генерации народи и култури, така што преку длабоко симболичен поетски јазик, се воздигнува нивната мисија.
По рециталот „Светопис за сесловените“ проф. д-р Зоран Пејковски ќе одржи предавање на тема: „Светите браќа Кирил и Методиј – темелот на словенската писменост, култура и духовност“. бт/аа/
Фото: Македонски културно-информативен центар во Софија