• среда, 28 јануари 2026

Македонија2025 објави повик за доделување 20 стипендии за шестиот Охрид Камп за високотехнолошка извонредност

Македонија2025 објави повик за доделување 20 стипендии за шестиот Охрид Камп за високотехнолошка извонредност

Скопје, 27 јануари 2026 (МИА) - Македонија2025 објави отворен повик за доделување на 20 целосни и/или делумни стипендии за учество на шестиот по ред Охрид Камп за високотехнолошка извонредност, кој ќе се одржи во периодот од 5 до 11 јули 2026 година во Охрид. 

Право на аплицирање имаат деца на возраст од 11 до 15 години, со интерес за кодирање, програмирање и роботика, а посебен акцент се става на учесници од социјално и економски ранливи семејства. Кампот е наменет за деца од Македонија и од македонската дијаспора, а наставата и комуникацијата се одвиваат на македонски и англиски јазик, со цел поттикнување на интеркултурна размена и социјализација. Рокот за аплицирање е 15 април 2026 година.

-Охрид Кампот за високотехнолошка извонредност е еднонеделна едукативна програма по кодирање, роботика и инженерско размислување, наменета за деца на возраст од 11 до 15 години од Македонија и од македонската дијаспора. Кампот претставува уникатна комбинација на интензивно СТЕМ учење и летно искуство, кое ги поврзува младите преку знаење, тимска работа, креативност и културна размена, во инспиративниот амбиент покрај Охридското Езеро, велат од Македонија2025.

Едукативната програма за 2026 година, нагласуваат, се реализира во партнерство со Центарот за технологија, роботика и иновации (CTRI), Brainster и iSourse, преку поддршката од MASIT - Македонската асоцијација за информатичко-комуникациски технологии. Програмата е осмислена како интензивно, практично и интерактивно СТЕМ-искуство, базирано на проектно и тимски ориентирана настава.

-Во текот на Кампот, учесниците ќе работат со современи образовни роботски платформи и технологии, вклучително LEGO® Education и Fable robotics, преку кои ќе дизајнираат, програмираат, тестираат и унапредуваат сопствени роботски решенија. Преку структуирани предизвици и конкретни мисии, децата ќе се запознаат со основите на алгоритамско и инженерско размислување, логика, системско размислување и решавање реални проблеми. Фокусот на програмата за 2026 година е ставен на поврзување на технологијата со реални општествени и еколошки предизвици, со цел поттикнување на иновативно размислување и создавање решенија со позитивно влијание врз заедницата. Паралелно со техничките знаења, програмата активно ги развива и вештините за 21 век - критичко размислување, креативност, комуникација, лидерство и тимска работа. Кампот завршува со презентација и демонстрација на проектите и роботските решенија, изработени од самите учесници, прецизираат од Македонија2025.

Покрај едукативниот дел, како што посочуваат, Кампот нуди и богата културна и социјална програма, која овозможува младите од Македонија и дијаспората да воспостават пријателства, да ја зајакнат поврзаноста со македонската култура, јазик и традиција, да го истражуваат природното и културното наследство на Охрид и да создадат трајни спомени.

Повеќе за Кампот, начинот на аплицирање и потребна документација: https://macedonia2025.com/open-call-for-scholarships-for-the-ohrid-hi-tech-excellence-camp-2026/

Во изминатите години на Кампот имаше учесници од САД, Канада, Словенија, Хрватска, Германија, Катар, Австрија, Данска, Кипар, Шведска, Малта, Франција и други земји. Охрид Кампот за високотехнолошка извонредност, во изминатите години, се реализира под покровителство на Претседателот на Македонија. вј/СА/

Фото: Македонија2025

 

 

 

Остани поврзан