• понеделник, 10 февруари 2025

МАЕИ со благодарност до македонските парламентарни партии за учеството на средбата во Корча и дадената поддршка

МАЕИ со благодарност до македонските парламентарни партии за учеството на средбата во Корча и дадената поддршка

Дебар, 9 февруари 2025 (МИА) - Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) изрази благодарност до политичките парламентарни партии од Македонија - ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Левица, ЗНАМ и Демократскиот сојуз, кои ја прифатија поканата за учество на семакедонската средба во Корча. Според Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ, нивното присуство бил јасен показател дека грижата за Македонците во Албанија е национален интерес кој ги надминува партиските разлики.

Како што нагласува, средбата предизвикала големо медиумско внимание во Албанија и Македонија, а наместо предвидените два часа, дискусиите траеле цели четири часа. Претставниците на парламентарните партии од Република Македонија имаа можност од прва рака да се запознаат со положбата на Македонците во Албанија. За оваа средба допатуваа Македонци од сите региони каде што живее македонското национално малцинство – од Мала Преспа, Гора, Голо Брдо, Врбник, како и од градовите Тирана, Елбасан, Корча и Подградец.  

-Дискусиите беа искрени и емотивни – Македонците од Албанија зборуваа од срце, изразувајќи надеж дека нема да бидат заборавени. Сите присутни ја опишаа состојбата во своите родни краишта, зборуваа за неправдите со кои се соочуваат, но и за нивната решеност да ги зачуваат вековните македонски корени. Претставниците на парламентарните партии од Македонија одблиску се уверија дека, и покрај комплексната положба и агресивната бугарска антимакедонска политика во Албанија, македонскиот дух останува непоколеблив, посочува Стерјовски.

Според него,  Македонците во Албанија се одлучни да ја бранат својата национална припадност и бараат „поддршка од институциите на Македонија за заштита од бугарската пропаганда – бидејќи оваа борба не е само политичка, туку егзистенцијална".  

-Претставниците на македонските парламентарни партии беа коректни во своите излагања и сите едногласно ја поддржаа иницијативата на МАЕИ за донесување национална стратегија за Македонците во соседните земји на Македонија. Оваа поддршка, која се надеваме дека ќе биде прифатена од сите политички чинители во Република Македонија, дава нова надеж за Македонците во Албанија, но и ја потврдува неопходноста од институционален пристап во заштитата на нивните национални, културни и јазични права, рече тој.

Дополнително, според него, било нагласено дека усвојувањето на оваа стратегија ќе придонесе за поголема поврзаност меѓу Македонците во регионот и ќе создаде механизми за поефикасна заштита на нивниот идентитет и права. 

-Македонската држава има обврска да изгради активна политика кон своите сонародници надвор од нејзините граници, што ќе вклучи поддршка во образованието, културата, медиумите и зачувувањето на македонското национално наследство во Албанија. Очекуваме конкретни чекори и активности од страна на институциите на Република Македонија, во соработка со институциите на Република Албанија, за подобрување на животните услови на Македонците во Албанија, зајакнување на нивните институционални капацитети и за елиминирање на бугарската пропаганда, која има за цел да го избрише македонскиот карактер на овие простори, посочува Стерјовски. вт/фф/

Фото: МАЕИ

Остани поврзан