• среда, 27 ноември 2024

МАЕИ: Најостро ги осудуваме најновите провокации и лаги на Бугарската амбасада во Албанија

МАЕИ: Најостро ги осудуваме најновите провокации и лаги на Бугарската амбасада во Албанија
Тирана, 6 јануари 2022 (МИА) - Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, остро реагира и ги осудува "најновите провокации и лаги на Бугарската амбасада во Тирана".
- Најостро ги осудуваме најновите провокации и лаги на Бугарскара амбасада во Тирана која во денешното соопштение објавено на страната на Амбасадата стои дека децата од областа Корча го прославија „Божик на бугарски“ и дека благодарение на Амбасадата на сите деца од градинка до 12 одделение во Пустец им се поделини, божикни и новогодишни подароци,  стои во реакцијата на МАЕИ.
Сакаме да ја информираме целата јавност, се додава понатаму,  дека денеска во Општина Пустец немаше никакво празнување на „Божик на бугарски“.
- Денеска Македонците во Пустец и во другите делови на Албанија го празнуваат на традиционален македонски начин Бадник а утре и Божик со обичаи наследени со векови од нашите претци, се наведува во реакцијата.
Како што информираа од заедничкото основно и средно училиште “Митре Колефски и Трајан Ѓеорѓиевски”, во Пустец денеска никој не донирал пакетчиња за децата и дека единствено на 23 декември 2021 година новогодишни пакетчиња додели Општина Пустец и на децата и наставниот кадар во училиштата им е соопштено дека овие подароци ги доделува Општина Пустец.
Се нагласува дека во областите Преспа, Голо Брдо, Гора, Полето и Врбник, каде што Бугарија “бара“ бугарско малцинство, има самопрогласено македонско малцинство кое го има истиот фолклор, традиција и јазик како македонскиот народ во целина во сите држави на Балканот, живее во "компактни области на границата со Македонија и има територијален континуитет со државата Македонија, нема никаква врска со Бугарија".
Исто така, се додава дека во училиштата во Општина Пустец 77 години непрекинато се изучува мајчиниот македонски јазик.
- Во пресрет на престојниот попис на население кој треба да се спроведе во октомври 2022 година, очекуваме да се засилат напорите на бугарските власти за асимилација на македонската заедница во Албанија. Апелираме до албанската Влада и надлежните министерства и органи, но и до пртставниците на  меѓународната заедница во Албанија, да реагираат на овие активности на Бугарската амбасада и на официјална Софија, заради прекршување на принципите на Виенската конвенција за дипломатските односи и грубо мешање во внатрешните работи на Република Албанија. Обврска е на институциите на власта, да ги заштитат своите сограѓани Македонците, од бугарската агресија, која со политики и практики против добрососедството, врши грубо мешање во внатрешните работи на Република Албанија, стои во реакцијата на МАЕИ. вт/вг/

Остани поврзан