• петок, 22 ноември 2024

Магистралниот пат Градско - Прилеп е пуштен за сообраќај по тешката сообраќајка кај Росоман 

Магистралниот пат Градско - Прилеп е пуштен за сообраќај по тешката сообраќајка кај Росоман 

Росоман, 10 август 2023 (МИА) - Магистралниот пат Градско - Прилеп е пуштен за сообраќај по тешката сообраќајка кај Росоман, во која загинаа две, а тешко беа повредени три лица, информираа попладнево од МВР. 

Патот беше затворен за сообраќај поради увид на местото на сообраќајната несреќа и сите што транзитираа во тој дел на државата, наместо преку Росоман, патуваа преку Кавадарци. 

Како што претходно информираше МВР, околу 06.30 часот во Полициската станица Кавадарци било пријавено дека на регионалниот пат Прилеп – Росоман, кај место викано „Камен дол“, се случила сообраќајна несреќа помеѓу возило „фиат добло“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од К.Ѓ.(55) од Прилеп и патничко возило „фолксваген голф“ со штипски регистарски ознаки, управувано од Љ.С.(61) од Свети Николе.

- Малку подоцна на истото место, патничко возило „даеву матиз“ со штипски регистарски ознаки, управувано од С.С.(55) од Свети Николе, удрило во комбе „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.И.(52) од Скопје, кое претходно излегло од коловозот за да ги избегне двете возилата кои учествувале во несреќата, соопштија од МВР. 

Од здобиените повреди на местото на несреќата починале возачот К.Ѓ. и сопатничката во возилото „голф“, С.С.(55) од Свети Николе, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Кавадарци. Со тешки телесни повреди се здобиле возачите Љ.С. и С.С., како и сопатничка во возилото „матиз“, О.С.(54) од Свети Николе, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Увид на местото на несреќата извршиле јавен обвинител и екипа од Полициската станица Кавадарци. свд/дма/

 

Фото: МИА 

Остани поврзан