• недела, 22 декември 2024

МААЕ: Пожарот во НЕ Запорожје не е закана за нуклеарната безбедност

МААЕ: Пожарот во НЕ Запорожје не е закана за нуклеарната безбедност

Њујорк, 11 август 2024 (МИА) – MAAE вечерва соопшти дека пожарот во атомската централа Запорожје во јужна Украина не претставува закана за нуклеарната безбедност.

„Експертите на МААЕ беа сведоци на силен темен чад што беше видлив на северната страна на ЗНПП по повеќекратните експлозии што се слушнаа вечерта“, објави агенцијата на X, поранешен Твитер.

„Не е забележано штетно влијание за нуклеарната безбедност“, се додава во соопштението на Меѓународната агенција за атомска енергија.

Пожарот во окупираната нуклеарна централа Запорожје нема никакво влијание врз безбедноста на локацијата, претходно уверуваа руските власти.

Руското раководство на фабриката соопшти дека екипите работат на гаснење на пожарот, што избувна во близина на разладните кули на централата и дека пожарот немал никакво влијание врз самата централа и нејзината безбедност.

Евгениј Балицки, назначен од Русија началник на окупираната област Запорожје во Украина, ја обвини Украина дека го подметнала пожарот со гранатирање на соседниот град Енергодар, јавија руски и западни медиуми.

Претходно вечерва, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека руските сили подметнале пожар во централата, но увери дека нема промена на нивото на радијацијата.

Нуклеарната централа Запорожје е најголемата во Европа. Таа е окупирана од март 2022 година од Русите, јавија западни медиуми.зш/
фото ЕПА

Остани поврзан