• понеделник, 23 декември 2024

Лула повика на заеднички состанок на членките на БРИКС и Г7

Лула повика на заеднички состанок на членките на БРИКС и Г7

Јоханесбург, 25 август 2023 (МИА) - Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва во Јоханесбург повика на средба меѓу земјите од БРИКС и земјите членки на групата Г7, пренесува Хина.

-Кој знае, можеби еден ден ќе се собереме, блокот БРИКС и блокот Г7. Тоа би било одличен состанок за да се разговара за трговијата, научниот и технолошкиот напредок и демократијата, рече Лула.

На почетокот на неделава, Лула истакна дека БРИКС нема намера да се натпреварува со други меѓународни организации како Г7 или Г20.

Бразилскиот претседател кажа дека БРИКС ќе го задржи акронимот како свое име, бидејќи „звучи премногу добро“ за да се промени, дури и откако другите земји ќе станат членки.

-Името ќе остане, убаво е. Детето порасна, а не сака да си го смени името, изјави Лула, пренесен од Блумберг.

Акронимот БРИКС во неговата оригинална верзија првпат го користеше економистот на Голдман Сакс, Џим О'Нил, кога ја искористи кованицата „БРИК“ за да го привлече вниманието на стапките на раст во Бразил, Русија, Индија и Кина.

Блумберг наведува дека „С“, што беше додадена на крајот, направи името да звучи уште подобро кога Јужна Африка се приклучи на блокот во 2010 година.

Членки на групата Г7 се Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД, додека членки на БРИКС се Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република.

На самитот на Унијата во Јужна Африка беше одлучено БРИКС да ги вклучи во своите редови и Саудиска Арабија, Иран, Обединетите Арапски Емирати, Египет, Аргентина и Етиопија. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан