• понеделник, 23 декември 2024

Луковска-Дончиќ и Благоја Куновски-Доре добитници на „Златен објектив“

Луковска-Дончиќ и Благоја Куновски-Доре добитници на „Златен објектив“
Скопје, 20 мај 2022 (МИА) - Филмската монтажерка Олга Луковска-Дончиќ и филмскиот критичар Благоја Куновски-Доре се годишните добитници на наградата „Златен објектив“, што ја доделува Кинотеката. Признанието „Златен објектив“ се доделува на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија. На добитниците денеска им беа доделени традиционалните пригодни плакети и значки стилизирани во духот на кинотечните вредности. Филмологот Атанас Чуповски во своето излагање за монтажерката Луковска-Дончиќ посочи дека таа уште од млади години покажува интерес кон уметноста, особено за музичката уметност. -Завршувате во Ниш средно музичко училкиште по што се враќате во Скопје и во Вардар филм. Во Варадар филм дојдовте со идеја и тенденција да стане тон снимател тон монтажер тон мајстор. Но, запознавајќи се со филмската лента и процесот на монтажа, се заразивте со мирисот на филмската лента и веднаш преминавте на полето на монтажата. Учевте од најдобрите, рече Чуповски. Како што напомена, првиот голем филм на кој работела Луковска Дончиќ како асистент монтажер е „Македонска крвава свадба“ на Трајче Попов, а потоа има и серија на документарни кратки филмови, односно повеќе од 40 филмови на кои им остава свој личен печат. Монтажерката Олга Луковска-Дончиќ по врачувањето на наградата посочи дека во животот најголемо задоволство и е тоа што работи како монтажер, и како што рече, пресреќна е што толку многу години од животот ги има посветено токму на филмската монтажа. -Ако ми е во животот нешто големо задоволство, тоа е што сум монтажер, многу сум возбудена, пресреќна сум што сум во толку години во животот посветила на монтажа, рече монтажерката. За филмскиот критичар Благоја Куновски-Доре, Атанас Чуповски рече дека тој повеќе од 50 години е активен како филмски критичар. -Се работи за комплетна личност, за човек кој има повеќе страни и интереси кој исто така е роден скопјанец, живеел во предвоено Скопје. Во тинејџерските денови го оформува својот интерес за филмот и од тогаш систематски ја следи светска и македонска филмкса продукција. Постојано го следи трендот за филмот. Не само што пишува за филмови, претплатен е на повеќе странски списанија и тогашни југословенски кој постојано ги чита на повеќе јазици за да го усоврши своето знаење а од тоа не отстапува ни денес, рече Чуповски. Благоја Куновски-Доре се заблагодари за наградата и посочи дека сите имиња кои се добитници на оваа престижна награда се добро друштво и оти е задоволен што има „фидбек“, односно што некој добро ја оценил нивната работа. Досегашни добитници на „Златен објектив“ беа: режисерите Бранко Гапо, Трајче ПоповКирил Ценевски, Коле Ангеловски и Коле Манев; тонскиот снимател Глигор Паковски; аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ; директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков; филмскиот работник Коста Крпач; продуцентот Панта Мижимаков; филмската критичарка Илинденка Петрушева; монтажерите Димитар Грбевски и Спасе Тасевски; костимографките Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ.бт/лв/

Остани поврзан